Новата Škoda Octavia пристигна (дополнето)
Најновата генерација на Škoda Octavia од денеска и официјално е присутна во нашата држава и имаше својата презентација пред македонската јавност
Четвртата генерација на бестселерот Octavia на чешкиот производител Škoda сега е присутна и на македонскиот пазар. Во продажниот салон на Škoda, односно во Порше Македонија, најновата генерација на Octavia официјално пристигна.
Заснована на MQB платформата на Групацијата Volkswagen, седанот ветува уште подобра динамика на возење опфатена во уште попрактичен и попривлечен стил на каросерија. Со димензии од 4.689 милиметри и ширина од 1.829 милиметри, новата генерација Octavia ја надминува претходната, а меѓуоскиното растојание изнесува 2.686 милиметри.
Во поглед на дизајнот, најголеми промени кај надворешноста има претрпено предниот дел на автомобилот, каде наместо досегашната поделена светлосна групација, новата Škoda Octavia се одликува со нов, поелегантен пристап како и со кристално јасен и прецизен дизајн. Новата Octavia исто така може да се пофали и со нови решетки, браници, поизразени линии што се движат по нејзината должина, тенки задни светлосни уреди и натписот Škoda на багажната врата. Треба да се напоменат новите full LED Matrix светла кои пристигнуваат со функција за индивидуално гаснење и пренасочување на светлината од сообраќајот кој пристигнува од спротивниот правец и со тоа се избегнува заслепувањето на возачите.
Богата опременост
На задниот дел се истакнува натписот ŠKODA на средината од задната врата. Кога сме веќе тука, треба да се напомене и задната светлосна групација која е составена од голем број индивидуални LED диоди, а индикаторите за насока се интегрирани со анимациски ефект. Просторот во багажникот изнесува 600 литри.
Внатрешноста на новата Škoda Octavia е во согласност со новите трендови и технолошки достигнувања во светот на автомобилизмот. Новата Octavia пристигнува со еден револуционерен пристап кој е карактеристичен за Volkswagen групацијата. Централната табла наликува на онаа од Golf 8, односно вклучува централно поставен 10-инчен инфозабавен систем. Škoda го промени и управувачот кај новата генерација на Octavia, кој сега добива дизајн со два краци. Возачите пред себе ќе имаат и head-up екран во повисоките нивоа на опременост, а како стандарден пристигнува дигиталниот инструмент кластер. Внатрешноста исто така е дополнета со амбиентално осветлување во повеќе бои, со што се надополнува премиум чувството, благодарение на елементите изработени од високо квалитетни материјали.
Како што е познато од претходно, новата генерација на Škoda Octavia пристигнува со голем број безбедносни и системи за асистенција на возачот, меѓу кои и систем за итно сопирање, систем за одржување на коловозната лента, систем за набљудување на слепа точка и така натаму…
Три моторни единици за македонскиот пазар
Кога станува збор за македонскиот пазар, понудата за новата генерација на Škoda Octavia започнува со 1,5-литарскиот TSI турбо бензински мотор кој пристигнува со шестстепен мануелен менувач и испорачува 150 КС. За љубителите на дизел моторите, тука е 2,0-литарскиот TDI турбо дизел мотор кој се нуди во две комбинации, односно со шестстепен мануелен или седумстепен автоматски DSG менувач со двојна спојка. Дизел варијантата со мануелен менувач испорачува 115 КС, додека автоматикот испорачува 150 КС. Треба да се напомене дека дизел верзијата сега емитува 80 проценти помалку NOx гасови од претходно, благодарение на имплементирањето на технологијата со двата секвенцијални катализатори.
Кога станува збор за цените, Škoda Octavia 1.5 TSI со мануелен шестстепен менувач и Ambition ниво на опременост се продава по цена од 19.700 евра, додека истиот модел со Style опременост чини 22.510 евра. Octavia TDI EVO со 115 КС и мануелен менувач во Ambition ниво чини 21.200 евра, додека во Style изнесува 24.040 евра. Истиот мотор, но со 150 КС и автоматски DSG менувач чини 25.360 евра во Ambition, односно 27.910 евра во Style ниво на опременост. Од Порше Македонија истакнаа дека во следните месеци се очекуваат и останатите верзии на Škoda Octavia во нашата земја.
Наскоро очекуваме новата генерација на Škoda Octavia и во нашата редакција на тест возење, по што ќе ги споделиме нашите впечатоци со вас. Во меѓувреме, за повеќе информации посетете го официјалниот веб-сајт, проследете го нивното видео или посетете го продажниот салон на Škoda во Македонија.