A3 Sportback 45 TFSIe e новиот plug-in хибрид на Audi
Германски Audi официјално претстави уште една електрифицирана верзија на својот компактен модел, A3 Sportback 45 TFSIe
По лансирањето на A3 Sportback 40 TFSIe, сега пристигнува уште еден plug-in хибриден модел, откако Audi го претстави и A3 Sportback 45 TFSIe. Моќноста се добива од истиот 1,4-литарски турбо мотор како и кај помалиот брат, кој испорачува идентични 150 КС и 250 Nm максимален вртежен момент.
Дополнителната сила се добива благодарение на електромоторот кој е интегриран во шестстепениот S-Tronic менувач кој ги напојува предните тркала и испорачува 109 КС и 330 Nm вртежен момент.
Со вкупна моќност од 245 КС и 400 Nm вртежен момент, новиот A3 Sportback 45 TFSIe е за 41 КС и 50 Nm помоќен во однос на 40 TFSIe. Спринтот од нула до „стотка“ се стигнува за 6,8 секунди, што е побрзо за 0,8 секунди, а максималната брзина изнесува 232 километри на час.
Со приклучувањето на 13 kWh литиум-јонската батерија во конвенционален приклучок ќе ја наполни во целост за околу 5 часа. Во моментот кога ќе биде полна, истата му овозможува на автомобилот да движи 63 километри исклучиво на струја според WLTP циклусот со максимална брзина од 140 километри на час.
Новиот A3 Sportback 45 TFSIe се карактеризира со црн стилски пакет, високо сјајни црни детали на Singleframe решетката, 17-инчни алуминиумски тркала, поголеми сопирачки отколку кај 40 TFSIe со црвени шапи, Audi Drive Select, затемнети задни стакла, двозонски клима-уред, а Matrix LED фаровите се опционални.
Цената во Германија за најновиот електрифициран Audi A3 изнесува 41.440 евра, а купувачите можат да сметаат на субвенција во износ од 6.750 евра.