Alfa Romeo размислува за производство на електричен кросовер
Италијанскиот бренд ќе мора да направи сериозна ревизија во својата гама со цел да ги избегне казните од ЕУ за регулација на флотната емисија на штетни гасови
Актуелното раководство на Alfa Romeo како потенцијално решение за избегнување на казни од Европската унија гледа во пласирање на електричен SUV модел. Сепак, во овој момент Alfa Romeo нема капацитети, ниту технологија за самостојно да влезе во овој сегмент. Челниците на италијанската компанија поради тоа се надеваат дека наскоро ќе дојде до спојување на FCA и PSA и со тоа ќе имаат голем бенефит.
Евентуалниот електричен крософер на Alfa Romeo би бил поставен на CMP платформата на PSA групацијата, која овозможува целосно електричен погон. Таквиот модел на италијанската марка веројатно би бил поставен во B сегментот со што би имал доста сличности со Peugeot e-2008.
Францускиот електричен кросовер користи батерии со капацитет од 50 kWh и располага со 136 КС. Автономијата со едно полнење изнесува 300 километри според WLTP стандардите. Овие податоци делуваат ветувачки, но реално е да се очекува дека Alfa Romeo би сакале да добијат поголема моќност, а можеби и поголема автономија на движење.
Подобрувањата во овие две полиња за возможни, а PSA и FCA пласирањето на уште еден електричен кросовер во овој сегмент можат да го оправдаат со фактот дека Alfa Romeo е премиум бренд и потенцијалниот модел на италијанската компанија би можел да донесе и повисока цена. Тука може да дојде до конфликт на интереси со DS, бидејќи и овој француски бренд претставува премиум марка и исто така има автомобил во оваа класа. Но, Французите се насочени кон комфорот, додека Alfa инсистира на возачката динамика, па тука би можела да се направи разликата меѓу понудените модели.
Сепак, сето тоа засега е во доменот на далечни планови. Првиот следен модел на Alfa Romeo би требало да биде Tonale, кој за прв пат беше забележан пред една и пол година во концептуална форма. Официјалната премиера за овој модел се уште не е закажана.