fbpx

Alpine и Aston Martin ги претставија болидите за новата F1 сезона

Сезоната во Formula 1 започнува овој месец, а со оглед на тоа тимовите веќе почнаа да ги претставуваат своите возачки постави и новите болиди

Најбрзиот циркус на планетата ја започнува новата сезона со Големата награда на Бахреин која е закажана за 28 март. Токму поради ова, тимовите започнаа со промоциите на изгледот на своите болиди, како и промените во возачкиот состав на своите тимови. Последни во низата се Aston Martin и Alpine.

Францускиот тим го претстави изгледот на својот болид, а не треба да биде изненадување што истиот ќе биде декориран со класичната сина „униформа“ на компанијата. Alpine е ново име во Formula 1, но францускиот производител на спортски автомобили има долга историја во мотоспортот, а најголемите успеси ги забележа во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, по што компанијата се најде во сопственост на Renault.

Renault успеа да го „воскресне“ брендот во 2017 година, а сега се обидува да го вивне кон врвовите на мотоспортот, отстапувајќи му го своето место во Formula 1. Alpine F1 тимот всушност ист со оној на Renault од минатата година, со тоа што Alpine A521 тркачкиот модел е своевидна еволуција на Renault RS20. Инаку, Alpine ќе биде единствениот тим кој ќе ги користи агрегатите на Renault во новата сезона, откако McLaren одлучи да се врати назад кај Mercedes.

Alpine

Црвената и сината боја на болидот му дава еден сосема поинаков изглед во однос на она што Renault го имаше минатата сезона, но тоа не е единствениот новитет. Возачката постава исто така е променета. По заминувањето на Даниел Рикиардо во McLaren, неговото место го зазема двократниот F1 шампион Фернандо Алонсо, кој ќе вози заедно со Естебан Окон. Алонсо своите две титули ги освои токму со тимот на Renault, поради што во Alpine се надеваат дека барем делумно ќе се повторат старите успеси.

Aston Martin се враќа по 61 година отсуство

Новина во Formula 1 шампионатот следната година ќе биде и тимот на Aston Martin, кој влегува на местото на Racing Point. Британскиот бренд исто така има богата историја во мотоспортот, но и во F1 каде учествуваше учествуваше кратко со сопствен тим, а во периодот од 2016 до 2020 Aston Martin делуваше како спонзор за Red Bull Racing. Сега конечно, во 2021 година, британскиот производител се враќа во најбрзиот циркус на планетата по 61 година отсуство.

Alpine

Наречен AMR21, новиот болид ќе биде адутот на тимот чие целосно име е Aston Martin Cognizant Formula One Team. Под традиционалната Racing Green „униформа“ на Aston Martin која се наоѓа на секој тркачки автомобил на компанијата веќе со децении, се наоѓа Mercedes-AMG F1 M12 E Performance турбо моторот кој се одликува со рекуперација на хибридната енергија. За претставувањето, Aston Martin ги ангажираше Бонд девојката Гема Артертон и агентот 007 лично – Даниел Крег.

Aston Martin во Formula 1 се враќа благодарение на тоа што сопственикот на Racing Point, канадскиот бизнисмен Лоренс Строл, откупи 16,7 проценти од акциите во компанијата за 182 милиони фунти, а неговиот син Ленс Строл ќе вози во тандем со поранешниот Formula 1 шампион Себастијан Фетел.

Поврзани вести

Back to top button