fbpx

Ares Design го претстави својот Panther ProgettoUno

Италијанската компанија Ares Design официјално го претстави својот прв суперавтомобил Panther ProgettoUno базиран на Lamborghini Huracan

Panther ProgettoUno се смета за модерен De Tomaso Pantera, а своето официјално деби го имаше на Concorso d’Eleganza во 2019 година. Оттогаш, овој суперавтомобил ја помина транзицијата од предпродукциски прототип до продукциски модел. Ако воопшто може да се каже такво нешто за автомобил кој ќе биде произведен во само 21 примерок.

ProgettoUno е базиран на истата шасија како и Lamborghini Huracan, но неговиот дизајн е инспириран од моделот De Tomaso Pantera. Ares Design за својот автомобил направи нова карбонска каросерија со сличен остар нос, клинест профил и склопливи предни светла. Исто како и Pantera, Panther ProgettoUno има решеткаст поклопец за моторот и агресивен заден дифузер во кои се сместени четирите завршетоци на издувниот систем. Автомобилот мина и низ CFD технологија со цел да ги достигне најдобрите аеродинамични перформанси.

Ретро тематиката продолжува и во внатрешноста. Тука е класично стилизирана контролна табла, која сепак содржи дигитален инструмент панел, рачно изработен тапацир од кожа и алкантара, карбонски детали и алуминиумска рачка од менувачкот. Panther ProgettoUno исто така содржи и Daniel Hertz аудио систем.

Panther ProgettoUno

И додека каросеријата е направена да потсетува на класичниот суперавтомобил, хардверот е сосема нов, со оглед на тоа дека автомобилот е базиран на Lamborghini Huracan. Поради тоа, Panther ProgettoUno се напојува со 5,2-литарски V10 мотор кој испорачува 650 КС и 600 Nm максимален вртежен момент. Тука е и седумстепениот автоматски менувач со двојна спојка, како и електронски контролираниот Haldex AWD систем. Ова овозможува спринтот од нула до „стотка“ да се достигне за само 3,1 секунда. Максималната брзина изнесува 325 километри на час.

Ares Design е основана од страна на поранешниот директор на Lotus, Дени Бахар во 2015 година. Компанијата е базирана во Модена во Италија, домот на Ferrari, Lamborghini и Pagani. Ares Design досега правеше модифицирани верзии на постојните луксузни автомобили.

Производството на Panther ProgettoUno суперавтомобилот, кој е првиот модел од Ares Design Legends Reborn програмата, веќе е започнато. Секој од 21 примерок ќе има цена од 615.000 евра.

Поврзани вести

Back to top button