Ares Design подготвува уште еден Legends Reborn проект
Италијанската компанија Ares Design се здружи со францускиот производител на кристали Lalique за производство на ограничена серија автомобили
Ares Design подготвува уште еден автомобил од својата Legends Reborn програма која има за цел да внесе нов живот во легендарните автомобили од минатото со модерна технологија и препознатлив дизајн. Се уште не е јасно кој автомобил ќе мине низ „преродбата“ на Ares Design, но од тизер фотографијата која ја објавија, може да се забележи дека станува збор за автомобил со две врати, две седишта и ретро дизајн.
Уште подетално, објавениот тизер покажува дека автомобилот има едноставна, а сепак „течна“ силуета како и долга хауба, под која со сигурност ќе се најде некој моќен мотор. Автомобилот исто така делува дека има црн мек покрив како и хромирани странични ретровизори и рачки на вратите. Исто така наликува на Project Wami кој Ares го прикажа пред неколку години.
Во соопштението со кое се најавува возилото, Ares Design истакнува дека ќе бидат одговорни за дизајнот и производството на автомобилот, додека француската компанија Lalique ќе создаде голем број на специјални кристални уредувања за истиот. Овие рачно изработени накити ќе бидат произведени во фабриката на Lalique во Франција.
„Lalique е позната по производството на некои од најдобрите кристални уметнички работи во светот и навистина е задоволство за Ares Design да работи заедно со нив на овој проект. Плановите за автомобилот делуваат навистина спектакуларно и ние воопшто не се сомневаме дека, преку колаборацијата на дизајнерите, инженерите и мајсторите, ќе ја донесеме нашата заедничка визија во живот преку прекрасно ремек-дело, нешто што никогаш претходно не сме го произвеле, примерок за едно совршенство“, изјави извршниот директор и коосновач на Ares Design, Валид Ал Гафари.
Автомобилот се очекува да пристигне кон крајот на оваа година.