Aston Martin не се откажува од конвенционалните мотори
И покрај тоа што индустријата се насочува кон електрификацијата и се соочува со секакви рестрикции кои ќе бидат воведени, од Aston Martin не се загрижени
Британскиот производител на автомобили Aston Martin, кој сега е предводен од канадскиот милијардер Лоренс Строл, нема никаква намера за целосно напуштање на моторите со внатрешно согорување и покрај тоа што автомобилската индустрија се менува, а строгите регулативи кои се најавуваат, особено во Велика Британија, но и остатокот од Европа во следните десет години, не ги спречуваат нивните амбиции.
Aston Martin се соочуваат со амбициозна иднина во која влегуваат во Formula 1, а иако автомобилскиот свет се побрзо и со поголеми чекори оди кон хибридите и целосно електричните погони, Строл верува дека традиционалните мотори со внатрешно согорување нема да одат никаде некое време.
„До 2030 година, 5 проценти од бизносот се уште ќе биде со мотори на внатрешно согорување. Никогаш не мислам дека ќе дојде до нула“, изјави Строл за време на самитот Future of the Car на Financial Times. На прашањето дали ова ќе биде случајот во 2050 или 2060, Строл истакна дека „тоа е надвор од хоризонтот кој го гледа“.
Строл најави специјални AMG мотори за Aston Martin
Посветеноста на Aston Martin да произведува мотори со внатрешно согорување уште многу години доаѓа и покрај фактот што новите бензински и дизел возила ќе бидат забранети во Велика Британија од 2030 година. Секако, тоа не значи дека нема да може да продава возила со конвенционални мотори на останатите пазари.
Во разговор за Autocar околу моторите кои автомобилскиот производител ќе ги користи понатаму по договорот за споделување на технологија меѓу Mercedes-Benz и Aston Martin, Строл даде интересно откритие.
„Нашите актуелни AMG мотори се тоа – AMG мотори во Aston. Со новиот договор, ние ќе имаме специјално развиени AMG мотори само за Aston со различа моќност, вртежен момент, карактеристики и така натаму. Се уште ќе има AMG компоненти, но специјално произведуван во Германија“.
Како дел од договорот, Aston Martin исто така ќе добие и системи за електрични автомобили од AMG, а првиот електричен автомобил планира да го претстави најдоцна до 2026 година.