fbpx

Aston Martin со Airbus ќе го освојува воздушниот простор

Aston Martin е познат по своите дизајни за спортски автомобили, но британскиот производител, заедно со Airbus, има многу повисока цел

Aston Martin и Airbus Corporate Helicopters официјално стапија во соработка здружувајќи ги автомобилските и аеронаутичките дизајнерски тимови. Тимовите од двата бренда соработуваа во изминатите 12 месеци на првиот производ од оваа соработка. Истиот е најавен за средината на 2020. година.

Сепак, она што е интересно во овој случај е фактот што голем број извори тврдат дека тука нема да станува збор за автомобил, туку за летало. Но, за такво нешто се уште нема официјална потврда ниту од Aston Martin, ниту од Airbus.

Според информациите, ќе станува збор за хеликоптер кој ќе биде мултифункционален и кој нема да биде користен во воени цели. Напротив, истиот ќе биде дизајниран за луксузен транспорт и преоѓање на кратки дестинации преку воздушен пат. Голем број славни личности и милијардери сакаат да се возат со хеликоптери, но летот во нив обично е бучен и малку неудобен. Затоа целта на Aston Martin и Airbus е да се елиминираат овие недостатоци и да се обезбеди луксузно патување.

Сепак, ништо од ова се уште не е потврдено. Се претпоставува дека Airbus ќе ја примени својата аеро технологија и ќе ја вклопи со луксузот, естетиката и дизајнот на британскиот производител. Со тоа ќе ги добиеме првите луксузни хеликоптери кои ќе бидат дизајнирани за транспорт на ВИП лица.

Aston Martin со нова соработка

За Aston Martin ова нема да биде прва високо луксузна колаборација. Минатата година компанијата лансираше сличен проект со Triton Submarines за да го произведат Project Neptune. Станува збор за подморница која може да се нурне на повеќе од 1.500 стапки и да патува под вода со брзина од пет јазли. Автомобилскиот производител исто така има и луксузен облакодер во Мајами со ексклузивни резиденции на 66 спрата.

Овојпат, Aston Martin во соработка со Airbus се насочува кон воздушниот простор, а двете компании ќе го најават својот производ на 3 јануари. Во исчекување на повеќе детали ни преостанува да го погледнеме краткото тизер видео објавено од страна на производителите.

Поврзани вести

Back to top button