Авто Плус Street Show – перфектен ден
Скопје потврди дека му треба повеќе дружење со автомобилите
Уште откако престана редовно да се одржува саемот за автoмобили, сметавме дека треба да потегнеме иницијатива и да обезбедиме таков настан. Наместо во саемските хали, со модификација на идејата, излеговме на улица – онаму каде што и припаѓаат автомобилите, без разлика на каросеријата, цената, брендот…
По точно 13 години главниот град, со поддршка од Градоначалникот Г-динот Петре Шилегов, уживаше во сјајот на новите автомобили. Нови, еколошки и технолошки напредни и електрифицирани автомобили. На булеварот Илинденска, од Фонтана, па сè до Зоолошка градина се протегаа повеќе од 20 брендови, на автомобили, но и компании од придружната индустрија. За пофалба нели!?
На Авто Плус Street Show имаше изложено секаков вид на автомобили, со различни каросерии, различни погони, за различни намени. Покрај тоа дел од нив беа за прв пат и покажани на јавност, односно имаа свои премиери, а останатите ги покажаа своите најнови отварувања во полн сјај. Оние кои имаа повеќе време, уживаа во тест возењата на дузината возила кои беа на располагање, од сите големини и марки.
На самот почеток, присутните можеа да се воодушеват на моделите на Audi. Брандот од Инглоштат, привлече интерес со своите изведби на A6 и Q8, а веднаш по него следеа моделите на Volkswagen. Германскиот бренд настапи со веќе познати модели, но затоа пак нивните изведби беа изненадување.
Polo беше со Highline ниво на опрема, Golf со R-Line додека новитетот, T-Roc со Sport. Меѓу нив присутна беше и најновата генерација на Touareg, а групацијата продолжи со Seat кој на оваа изложба атакуваше со својата FR гама на Ibiza, Leon, Arona и Ateca додека чешкиот производител Škoda ги истакна моделите Superb и Kodiaq.
Peugeot беше следен во низата. Покрај познатите 108 и 308, брендот беше присутен и со кросоверот 3008, а на тронот на овој простор беше „Автомобилот за вистинскиот маж“ – моделот 508.
Од спротива беше поставен добро познатиот бренд за автомобилски гуми Toyo, кој беше најинтересен со подигнатиот теренец кој ги презентираше гумите наменети за офроуд терените.
Во делот на Ford имаше изненадување за посетителоте. Покрај „Автомобилот на годината за 2019“ – Focus, беа поставени и SUV изведбата на Fiesta – Active, како и хибридниот Mondeo. Четвртиот член на семејството беше моделот Kuga.
Корејскиот бренд Hyundai беше присутен со i30, SUV моделот Tucson, како и помалата Kona која во салонот на Кореа Авто Трејд можете да ја видите и во целосно електрична изведба.
До Hyundai, Mazda имаше вложено сè во своето последно остварување на моделот 3. Пред извесен период беше пристигнат во Македонија, а сега присутните имаа можност да го запознаат од блиску.
На средината на целиот настан беше поставена Kia. Главна атракција на овој простор беше моделот Stinger во GT Linе верзија, а присутните ги делеше со Black Pack изведбата на Ceed. Овие два модели беа дополнети со Sportage и Stonic, кои ја имаа опремата за 2020 година.
Од спротива на јужно-корејскиот бренд беше поставен премиум брендот од Шведска. Volvo на Авто Плус Street Show ја покажа целата гама на SUV возила – моделите XC40, XC60 и XC90, a просторот беше дополнет со R-Design изведбата на S90.
Следеа јапонските брендови Lexus и Toyota. Кај премиум брендот можеше да се погледнат кросоверите RX и EX, лимузината ES, како и новитетот за македонскиот пазар – моделот UX. Во просторот на Toyotа за прв пат пред македонската јавност беше покажан моделот Camry.
Можеби малку познат за европскиот пазар, но тоа е автомобил кој во голема мера ги освојува останатите континенти. Покрај него и RAV 4 беше присутно и семејството на најпродаваниот модел во светот – Corolla. Најмногу воодушеви фактот што јапонските автомобили беа сите со хибриден погон.
Присутни беа и два француски брендови и еден италијански. Citroen на Авто Плус Street Show дојде со урбаниот Citroën C3, модуларниот C3 Aircross SUV и секако новиот Citroën C5 Aircross SUV со кои освои „SUV на годината во Македонија за 2019 година“.
Fiat ги запозна присутните со Tipo Mirror, но истите имаа можност да се дружат со легендата на италијанскиот стил – Fiat 500 и градскиот фраер – Fiat 500L.
Од спротива свој простор имаше Renault кој во оваа прилика беше единствениот со електрични автомобили. Под шаторот на Renault, беа поставени моделот ZOE, како и Z.E. изведбата на Kangoo, а најинтересен за посетителите беше Twingo Cub тркачкиот автомобил.
На овој дел од улицата беа присутни и Exide – брендот за акумулатори и Sonax – компанијата која е најискусна во козметиката и негата за автомобилите. Благодариме и на Градски Паркинг за дадената поддршка. Нивното електрично возило беше и атракција за посетителите и помош за организаторите. Перпетуумобиле се грижеа за безбедноста на настанот и беа секогаш и насекаде со својот сегвеј.
Целиот настан беше зачинет со моделите на Porsche. Истиот ден брендот имаше „гости“, а тие го посетија Авто Плус Street Show. Меѓу присутните беше новиот Porsche Cayenne Coupé кој беше за прв пат презентиран минатиот месец во светот, а еден од трите примероци во Европа ја доживеја својата премиера токму на нашиот настан. Секако на ова се надополни посетата на Porsche Experience караванот со 8 топ ѕверки од германската ергела.