Батериите за електричните возила поевтинеле 89% за една деценија
Цените за литиум-јонските батериски пакувања кои се користат за електричните возила забележале драстично намалување во последната деценија
Според најновото истражување, цените за литиум-јонските батерии кои се користат за напојување на електричните автомобили забележале пад за 89 проценти во последните десет години, а исто така се очекува батериите да опаднат до точка кога производителите да можат да произведуваат електрични автомобили за истата цена како и возила со мотор на внатрешно согорување.
Пред десет години, цената на батериите за електричните возила чинеле околу 1.110 долари по киловат час капацитет, но според новото истражување, таа сума е опадната на 137 долари по киловат час. На одредени пазари како Кина, цените опаднале уште повеќе каде батериите кои се користат за електричните автобуси чинат околу 100 долари за киловат час.
„Ако се погледне неверојатното намалување на трошокот во последната деценија, како и она што се очекува во следните неколку години и се спои со се поригорозните политички мерки во Европа кои се очекуваат и во САД и Кина, тогаш ќе добиете многу моќна комбинација на фактори за да се поттикне подемот на електричните возила, почнувајќи од сега. Тие ќе продолжат и ќе забрзуваат во следните неколку години. За четири години, најголемите производители ќе бидат во можност да произведуваат електрични возила за масивна употреба по истата цена и маржа како и возилата кои користат мотори со внатрешно согорување“, изјави шефот за чиста енергија во Bloomberg New Energy Finance, Логан Голди Скот.
Долг е патот до целосна замена на конвенционалните возила
Студијата истакнува дека како што стојат работите, цената на поседување на електрично возило веќе чини помалку од автомобил со конвенционален мотор, а напредувањата во батериската технологија ќе ги намалат трошоците уште повеќе.
Оваа студија исто така истакнува дека е важно што постои поширок опсег на електрични возила кои се достапни за купување. Исто така, тие истакнуваат дека промената кон електрични возила треба да биде брза со цел да се спречат влијанијата врз климатските промени.
„Дури и ако 100 проценти од возилата кои се продадени се електрични, ќе биде потребно повеќе од една деценија да се заменат сите автомобили на патиштата, или дури само 50 проценти од автомобилите на патиштата. Ова е долг процес и постепена еволуција истовремено“, изјави Хареш Камат, програм менаџерот за складирање на енергија од непрофитабилниот Electric Power Research институтот.