fbpx

Bentayga се покажа како исплатлив ризик за Bentley

Bentley објави дека за четири години од погонот на оваа компанија излегле 20.000 примероци од скапоцениот SUV модел Bentayga

SUV моделите се причината поради која некои големи и славни брендови опстанаа на пазарот, особено во Европа. Доказ за тоа е и Bentley, односно нивниот голем луксузен SUV Bentayga кој се покажа како ризик кој на крајот стана полн погодок за британскиот производител.

Иако станува збор за мошне скапоцен автомобил кој беше претставен не така одамна, сепак Bentley Bentayga е продаден во 20.000 примероци ширум светот. Овој луксузен SUV во изминатите четири години претставува пример за успешен бизнис потег и добра продажба, со оглед на тоа дека Bentley дневно во просек продавал дури 13,7 Bentayga модели.

Иако бројот од 20.000 произведени возила во текот на четири години можеби и не делува така импресивно во споредба со некои други модели, сепак треба да се земе предвид фактот дека станува збор за суперлуксузен и скапоцен автомобил на компанија која никогаш не била позната по автомобили кои се произведуваат во големи серии. Моделите на Bentley отсекогаш претставувале ексклузива и привилегија на богатите, а до пред десетина години не можеше ни да се претпостави дека овој производител би можел да влезе во сегментот на SUV возила. Сепак, потегот кој беше најавен на автомобилскиот Салон во Женева во 2012 со концептот EXP 9 F претставуваше успех, па сега покрај Bentley, во SUV сегментот се најдоа и производители како Rolls-Royce и Aston Martin.

Никој не очекуваше SUV модел од Bentley

Bentayga поседува импресивни перформанси благодарение на 6,0-литарскиот twin-turbo W12 моторот кој произведува 600 КС, па и покрај неговата масивност и тежина од 2,4 тони, овој автомобил забрзува од нула до „стотка“ за само четири секунди. Подоцна Bentley во понудата вклучи и 4,0-литарски V8 дизел агрегат, како и 4,0-литарски V8 битурбо бензинец и хибридна верзија која комбинира 3,0-литарски V6 бензинец и електромотор со вкупно 450 КС и 700 Nm.

Bentayga

Bentley Bentayga од своето појавување привлече огромен интерес кај купувачите истовремено нудејќи ги класичните карактеристики на еден Bentley. Иако изгледот и самиот концепт на SUV модел до сега беше нeзамислив за овој бренд, овие продажни резултати покажаа дека Bentley направи одличен потег кој му овозможи да продолжи со доброто работење. Многумина се сомневаа дека воопшто ќе дојде до сериска верзија на SUV моделот на Bentley, a во прилог на тоа оди и фактот дека раководството одолговлекуваше со одобрувањето на развојот на продукцискиот модел, пред се поради стравот дека традиционалните купувачи на Bentley нема да бидат заинтересирани за SUV моделот. На крајот, Bentayga се појави на пазарот во 2016 година, а компанијата ги најави амбициозните планови за овој автомобил.

Bentayga

Од Bentley истакнуваат дека се потребни повеќе од 100 работни часа за да се комплетира еден Bentayga, а на неговата рачна изработка се ангажирани 230 работници.

Поврзани вести

Back to top button