fbpx

BMW со тизери ја најави премиерата за освежените Серија 5 и Серија 6 GT

BMW преку тизер фотографии и видео на Инстаграм ја најави премиерата на редизајнираната „петка“ и „шестка“ Gran Turismo за 27 мај во Јужна Кореа

Вестите за премиерата беа потврдени и од страна на официјалниот профил на BMW во Јужна Кореа. Премиерата е најавена преку една тизер фотографија која ја прикажува освежената предница на камуфлираниот прототип, додека второто видео се фокусира на изменетите LED светла на двата автомобили.

Сепак, за несреќа на BMW, на интернет веќе се појавија неколку „протечени“ фотки од освежената Серија 5 кои откриваат дека автомобилот ќе добие нешто поголема „бубрежна“ предна маска, поостри фарови и нова задна светлосна група. Токму светлата се веројатно најважната промена која драстично го менува изгледот на автомобилот, правејќи да делува многу поагресивно и поспортски. Од Серија 6 Gran Turismo се уште нема протечени фотки, но некои шпиунски фотографии од претходно индицираат на тоа дека ќе добие исто така зголемена предна маска на ладилникот како Серија 5 заедно со слични светла.

https://www.instagram.com/p/CAUKRkhn93J/

Редизајнот на моделите ќе се одрази на сите варијанти, вклучително и M5 седан верзијата. Не е познато дали инженерите на BMW ќе се обидат да го направат 4,4-литарскиот twin-turbo V8 мотор помоќен, но тој и онака со своите 592 КС и 750 Nm е доволно моќен. Оние кои сакаат поголема моќност можат да го изберат M5 Competition со 617 КС.

https://www.instagram.com/p/CAU1x8InJSU/

Исто така се очекува и нова M5 варијанта да пристигне заедно со редизајнот, а овој модел се очекува да добие многу поагресивен преден изглед и заден браник, спојлер на багажникот, зголемени отвори за воздух и остар заден дифузер. Се очекува и поголема моќност на моторот, како и намалена тежина на автомобилот благодарение на уникатните спортски седишта, тркалата и новиот издувен систем.

Поврзани вести

Back to top button