fbpx

Чикаго 2022: Nissan со три концепти базирани на Frontier

Nissan претстави три пикап концепти базирани на новиот Frontier на годинешното издание на Салонот за автомобили во Чикаго

Чикаго е првиот пост-ковид автомобилски саем кој екипата на Авто Плус има шанса да го посети, а на годинешното издание на најстариот Салон во Северна Америка, компанијата Nissan претстави три нови пикап концепти базирани на новиот Frontier. Првиот концепт е наречен Project 72X Frontier. Базиран е на Crew Cab S 4×4 моделот и е дизајниран како модерна верзија на класичниот Datsun 720 камионет кој беше претставен во 1979 година.

Project 72X Frontier е финиширан во сива боја на екстериерот, а како контраст се истакнуваат сетот ретро графики и белите челични тркала со истите пневматици како Pro-4X моделите. Nissan исто така го опреми камионетот со 2,5-инчен „lift kit“ кој вклучува и подесувачка предна суспензија.

Nissan Frontier

Вториот концепт прикажан во Чикаго се нарекува Project Hardbody и е инспириран од Nissan D21 ‘Hardbody’. Концептот е базиран на Frontier Crew Cab SV 4×4 и сега добива 3-инчен lift kit, подесувачки горни контролни краци на системот за потпирање, истите надградби на предните крила како Pro-4X, 10-инчни правоаголни LED светла и затемнет преден дел со графики на вратите.

Последен во триото е и највпечатливиот Project Adventure. Базиран е на оф-роуд верзијата на Frontier Crew Cab Pro-4X, опремен е со масивен 5-инчен lift kit и е поставен на 34-инчни пневматици за калливи терени. Nissan исто така го опреми и со Yakima систем за „багажен кревет“, шатор и премиум аудио систем од Kicker, а инсталиран е и карбонски шнорхел.

„Луѓето сакаат да излегуваат од своите домови, да имаат авантури и тоа да го прават со стил, па тајмингот за овие авантуристички Frontier концепти не можеше да биде подобар. Овие три нови проекти ги прикажуваат можностите кои ги нуди новиот Frontier“, изјави потпретседателот на Nissan USA, Мајкл Колеран.

Поврзани вести

Back to top button