Citroen премиерно го покажа новиот C5 X
Француската марка ја претстави новата генерација на моделот C5 X кој доаѓа во една необична форма со храбар дизајн, што е одлика за Citroen
Новиот Citroen C5 X ја доживеа својата премиера, а Авто Плус имаше уникатна можност преку онлајн презентација да ја види новата генерација на моделот, која штотуку заврши. Таа која се одликува со уникатен карактер, динамичен дизајн и практичност и функционалност, трите главни карактеристики на француската марка. Поради својот клиренс, дизајн на задниот дел и пространоста која ја нуди, новиот C5 X е комбинација на кросовер, седан и караван, што го прави уникатен модел на пазарот.
Необичен дизајн
Новиот C5 X влече инспирација од CXperience концептот од 2016 година кога станува збор за дизајнот, а исто така е и првиот модел кој ќе го добие новиот Advanced Comfort Active систем на потпирање, за кој од Citroen велат дека нуди врвно ниво на квалитет при возењето. Од француската компанија се особено горди на новиот систем на потпирање, за кој велат дека нуди уште поголем комфор, подобра управливост и прецизност, како и унапреден баланс на возилото, комбинирајќи ги досегашните карактеристики на француската компанија, со новите технологии.
На двете страни, новиот C5 X се одликува со најновите LED светла на Citroen во форма на буквата V, дизајнерски елемент кој најпрво беше покажан кај новиот C4. Кога станува збор за димензиите, новиот модел е 4.805 милиметри долг, 1.865 широк и 1.485 милиметри висок. Меѓуосовинското растојание е доста долго и изнесува 2.785 милиметри, од каде и доаѓа огромната пространост за задните патници.
Новиот „знаменосец“ во понудата на француската марка ќе биде достапен со plug-in хибриден и бензински погон. На врвот ќе се најде моделот со 225 КС кој ќе биде комбинација на 1,6-литарски турбо четирицилиндерски мотор и електромотор, благодарение на кој ќе може да се вози со 135 километри на час во целосно електричен режим, а опсегот на движење изнесува 50 километри.
Сите варијанти на новиот C5 X ќе пристигнат со Advanced Comfort системот на потпирање на Citroen, додека plug-in хибридните модели ќе ја добијат и новата Active верзија. Оваа верзија нуди три режими од кои ќе може да се избере, почнувајќи од најмеката поставка, па се до најцврстата која нуди поостра контрола и прецизност во свиоците.
Напредна технологија во ентериерот
Капацитетот на багажникот545 литри кој се одликува со правоаголен и широк отвор со што оставањето на багажот е драстично олеснето. Ентериерот се карактеризира со едноставен, минималистички и модерен дизајн и напредните комфорни седишта на Citroen кои доаѓаат со опција за масажа и греење, а благоадрение на дизајнот нудат врвен комфор. На централната конзола се наоѓа 12-инчниот екран од интуитивниот инфозабавен систем, кој поддржува и гласовна контрола. Системот е поддржан од четири USB-C приклучоци, бежични унапредувања и бежичен полнач за паметни телефони, а од Citroen велат дека ова е нивниот најнапреден инфозабавен систем.
Пред возачот се наоѓа дигиталниот инструмент кластер налик на оној кај новиот C4, а исто така тука е и head-up екранот во боја, со високо ниво на проектирање на предното стакло за уште подобро возачко искуство, бидејќи возачите воопшто нема да мораат да го тргаат погледот од патот, бидејќи сите информации ќе ги имаат пред себе.
Покрај бензинските мотори, Citroen C5 X доаѓа и со plug-in хибриден погон. Засега нема да има целосно електрична верзија, но од Citroen велат дека во текот на животниот век, заедно со промените кои ќе се случуваат, не е исклучено C5 X да стане и целосно електричен модел.
Секако, новиот C5 X Ќе добие и догла листа на активни безбедносни системи, вклучително и Highway Driver Assist што е второ ниво на автономно возење, детекција во слепа точка, Rear Cross Traffic Alert асистенција и Top 360-степена камера.
Новиот Citroen C5 X ќе се произведува во Кина, а истото ќе започне во октомври, додека на пазарот во Европа ќе се појави кон почетокот на 2022. Цените и деталите околу погонот ќе бидат објавени нешто подоцна.