fbpx

Cupra го претстави својот електричен хот хеч el-Born

Спортскиот подбренд на Seat, Cupra, официјално го претстави својот прв целосно електричен модел кој го носи името el-Born

Подбрендот на шпанскиот производител го претстави новиот електричен хечбек Cupra el-Born. Самостојниот подбренд на Seat ќе стане првиот кој ќе понуди електричен хот хеч во Volkswagen групацијата откако Cupra el-Born ќе се најде во продажба во 2021 година.

Компанијата не ги откри комплетните технички спецификации за овој електричен хечбек кој е поставен на MEB платформата. Eдинствено истакнуваa дека се напојува со батерија со капацитет од 77 kWh и електромотор кој ги придвижува задните тркала. Благодарение на големата батерија, автономијата на возилото е проценета на 500 километри. Компатибилноста со брзото полнење значи дека шпанскиот хот хеч со 30-минутно полнење ќе има „гориво“ за 260 километри домет.

Од Cupra истакнуваат дека моделот el-Born од нула до 50 километри на час ќе забрзува за 2,9 секунди. Сепак, се уште не се откриени деталите за спринтот до „стотка“. Но, шпанскиот бренд додава дека нивниот прв електричен автомобил ќе се одликува со ексклузивно развиениот Dynamic Chassis Control Sport (DCC Sport) кој ќе понуди „супериорно ниво на возачка динамика“.

Cupra el-Born

Cupra el-Born всушност претставува продукциска верзија на Seat el-Born концептот кој беше претставен во Женева минатата година, но сега логото на Seat е заменето со она на Cupra. Електричниот хот хеч се одликува со 20-инчни тркала, а дизајнот е речиси идентичен со оној на концептот. Cupra и Seat el-Born ги споделуваат кратката хауба, предната решетка, големите прозорци и спојлерот на багажникот. Со оглед на тоа дека станува збор за перформансен модел, Cuprа el-Born се одликува со спортски изглед. Благодарение на предниот и задниот браник, пошироките прагови и поголемиот заден спојлер автомобилот делува поагресивно.

Ентериерот е сличен со електричниот VW ID.3. Разликата е што тука се наоѓа нова централна конзола, нов управувач со Drive Profile Selection и Cupra мод копчиња, спортски седишта и различен избор на материјали.

Новиот електричен модел на Cupra ќе се произведува во Volkswagen фабриката во Цвикау, заедно со ID.3. На европскиот пазар ќе се појави во 2021 година.

Поврзани вести

Back to top button