fbpx

Dacia во следните две години ќе лансира електричен автомобил

Компанијата Renault официјално потврди дека во следните две години на пазарот ќе се појави електричен модел со логото на романскиот бренд Dacia

Renault одделува дел од буџетот за целосна електрификација на возилата. Како резултат на тоа, компанијата ќе ги претстави неколкуте планирани модели за оваа година. Тука е хибридниот Clio, како и plug-in хибридните варијанти на Captur и Megane. Не треба да се заборави ниту електричниот Twingo, но сепак најинтересно е што во најавата за електрификација пристигнува и Dacia Urban City Car.

Renault потврди дека романската марка Dacia наскоро ќе ја збогати својата понуда со првиот електричен автомобил. Станува збор за модел кој ќе се појави на европскиот пазар во следните две години. Електричниот автомобил на Dacia ќе пристигне по Twingo ZE, но пред првиот електричен модел на Renault базиран на CMF платформата.

Во игра се две опции за првиот електричен првенец на Dacia. Првата е тоа да биде „препакуван“ Twingo ZE, со помала автономија на движење и веројатно помала моќност. Сепак, овој модел ќе мора да се вклопи во нискобуџетната филозофија на романскиот бренд, така што е извесно дека ќе се работи за некој од моделите на Renault со одредени измени кој ќе ја понесе значката на Dacia.

Втората, и многу поверојатна опција e адаптација на Renault City K-ZE, електричниот SUV наменет за кинескиот пазар, кој во Европа би пристигнал како Dacia. Според најавите, со цел да се намалат трошоците, но и да не се преоптоварат фабриките во Романија, новиот модел ќе се произведува во Шијан, Кина.

Renault K-ZE во Европа ќе дојде како Dacia

Дел од медиумите уште минатата година објавија дека евтиниот модел City K-ZE ќе биде унапреден за европскиот пазар. K-ZE е мал модел во стил на кросовер кој припаѓа на А сегментот, а во Кина неговата целна група е младата популација. Европската верзија веројатно ќе има понапредни безбедносни системи, а можно е и зголемување на автономијата на движење која во моментов изнесува 250 километри. Renault City K-ZE користи само еден електромотор кој ги напојува предните тркала и развива скромни 45 КС и 120 Nm. Овој автомобил има батерија со капацитет од 26,8 kWh.

Се шпекулира дека електричната Dacia ќе има цена пониска од 15.000 евра, што би претставувало вистинска револуција на пазарот кога станува збор за електричните автомобили.

На визуелниот приказ за електрификацијата во Renault стои дека електричниот модел на Dacia ќе се појави во периодот помеѓу 2021 и 2022, но реално е да се очекува дека електричниот модел да пристигне веќе следната година, со цел Renault и Dacia да ги исполнат новите норми по повод флотните емисии на штетни гасови и да избегнат драконски казни.

Поврзани вести

Back to top button