fbpx

Дизајнерскиот шеф на Aston Martin се сели во Dacia

Dacia добива големо и сериозно засилување во своите редови, откако е обелоденето дека досегашниот дизајнерски шеф на Aston Martin ќе се пресели во редовите на романската марка

Со последната реорганизација во Renault групацијата, најавени се и новите планови и насоки за романскиот бренд Dacia. Исто така, оваа марка ќе создаде една целина која ќе ја сочинува заедно со руската Lada, а двете компании ќе соработуваат потесно и ќе споделуваат голем број компоненти. Но, тоа нема да биде се, бидејќи Renault се погрижи двата нискобуџетни брендови да бидат уште попривлечни и поатрактивни за купувачите со помош на својот современ дизајн.

Имено, Renault групацијата го назначи Мајлс Нирнбергер, дизајнерскиот шеф од Aston Martin, како нов дизајнерски директор на Dacia брендот, со што ќе го замени Алехандро Месонеро-Романос, кој се пресели во редовите на Alfa Romeo. Нирнбергер ќе биде нов дизајнерски директор на новата бизнис единица која ќе ја сочинуваат Dacia и Lada, а ќе биде дел од менаџерскиот комитет под извршниот директор на оваа целина, Денис Ле Вот.

„Мајлс е прославен дизајнер кој инспирираше многумина со својата работа во Aston Martin. Неговото искуство и пасија за создавање силни брендови преку својот дизајн ќе биде одличен додаток за Dacia и ќе ни помогне да го проектираме брендот кон иднината“, изјави корпоративниот дизајнерски директор на Renault, Лоренс ван ден Акер.

Нирнбергер ќе го менува ликот на Dacia и Lada

Нирнбергер ја започна својата автомобилска кариера во брендот Lincoln, а потоа работеше за дизајнерскиот тим на Citroen задолжен за екстериерот. Тој се приклучи на Aston Martin во 2008 година во одделението за дизајн на екстериерот, а беше назначен за дизајнерски директор во 2018 година. Најважно од се, Ниренбергер беше задолжен за дизајнот на Aston Martin DBX, првиот SUV на брендот, како и на релансирањето на брендот Lagonda, како и Vision седан и SUV концептите.

Со последната реорганизација, извршниот директор на Renalut, Лука Де Мео, ги искомбинира Dacia и Lada во единечна бизнис единица, со планови да го прошири нивниот опсег на модели надвор од сегментот на мали автомобили. Првиот компактен модел на романскиот бренд, Bigster, кој ќе има и „братски“ модел од Lada, ќе се појави на пазарот до 2024 година.

Покрај задолженијата во Dacia, Мајлс Нирнбергер ќе ја предводи комплетната промена на визуелниот идентитет на Lada и освежување на целото портфолио. Како еден од најголемите предизвици се смета создавањето на новата генерација на Niva, која би требало да биде целосно и темелно нов модел

Поврзани вести

Back to top button