Дизелот поскапува, бензините без промена
Регулаторната комисија за енергетика ја донесе својата најнова одлука кога станува збор за малопродажните цени на горивата во нашата земја
Во согласност со најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, од ноќеска на полноќ ќе се изврши минимално зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,26 проценти во однос на одлуката која беше донесена минатата година.
Според методологијата на РКЕ за одредување на цените на горивата, бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 не поскапуваат, односно остануваат со истата цена како и претходно, додека дизелот поскапува за половина денар.
Ова значи дека во следните шест дена Еуросупер БС-95 ќе се продава по цена од 67 денари по литар, Еуросупер БС-98 ќе чини 69 денари, додека Еуродизел ќе се точи по цена од 59 денари по литар гориво.
Од Регулаторната комисија истакнуваат дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на светските берзи во просек бележат зголемување кај бензинот за 1,243%, а кај дизелот за 2,111%.