Еден-два победа за македонските возачи на Twingo Cup во Гробник
Македонските Twingo Cup возачи изминатиов викенд на патеката Гробник забележаа фантастични меѓународни резултати, кои доминираа во трките
Со својот маестрален настап на тркачката патека Гробник во Хрватска за прв пат македонските Twingo Cup возачи се искачија на подиумот во генералниот пласман во конкуренција на 32 возачи од неколку земји. Изминатиот викенд на Гробник се возеа две трки, а особено интересна беше втората каде беше забележана целосна доминација на македонските возачи.
Марко Блажевски и Давид Малинковски, иако стартуваа од четвртиот ред, на целта стигнаа освојувајќи ги првите две места. Блажевски и Малинковски имаа одлична трка, постојано беа меѓу најдобрите 8, се пробиваа низ патеката, но прикажаа и одлична тимска работа на патеката, која на крајот им донесе радост.
Марко Блажевски е првиот Македонец кој триумфираше на FIA CEZ трката на Twingo Cup, додека зад него беше Давид Малинковски. На третото место заврши унгарскиот натпреварувач Лантос. Во текот на целата трка Блажевски и Малинковски беа во линија со водечките, го чекаа моментот и последните кругови Блажевски откако го презеде водството остана таму до крајот.
Инаку, ова беше и финалната трка на втората сезона на Twingo Cup каде трофејот за првото место му припадна на Давид Малинковски, кој освои вкупно 122 бода во генералниот пласман. Малинковски сезонава забележа четири победи на осум трки, Блажевски победи двапати, а по еднаш Мартин Костовски и Владимир Тренески.
Второто место во генерален пласман сезона му припадна на младиот Мартин Костовски со освоени вкупно 82 бода, додека пак трет е Ангелче Стојковски со освоени 80 бода.
За следната година, во третата сезона на Twingo Cup планирано е возење на патеките на Серес – Грција, Гробник – Хрватска, Словакиаринг – Словачка, Red bull Ring -Австрија каде македонските Twingo Cup возачи ќе се борат за главната награда а тоа е 100% Renault Twizy.