ЕУ во целост ги забранува конвенционалните возила од 2035
Транзицијата кон електрификацијата и забрзаната трансформација на автомобилската индустрија би можела да земе уште посилен замав ако се остварат плановите на ЕУ
Европската унија (ЕУ) планира во целост да ја забрани продажбата на нови автомобили со мотор на внатрешно согорување од 2035 година. Документот до кој дојде Bloomberg открива дека Европската комисија има намера да побара од производителите емисиите на новите автомобили и комбиња да опадне за 65 проценти од 2030 и да достигнат до нула од 2035 година.
Овие стандарди ќе вклучуваат правила кои ќе побараат од владите на земјите членки на ЕУ да ја забрзаат изградбата на инфраструктура за полнење на автомобилите, со цел да ги пресретнат побарувањата на купувачите.
Согласно намерите на Европската комисија, Европа има намера да стане првиот континент со нула емисии до 2050. Пред да се случи тоа, има за цел да ги намали гасовите од ефектот на стаклена градина за најмалку 55 проценти од нивото од 1990 до 2030 година.
„Не постои друго решение, достигнувањето на целосна нулта емисија до 2050 значи и исфрлање на автомобилите кои имаат мотори со внатрешно согорување најрано до 2035 година“, изјави Колин Мекерахер, шефот на истражување за напреден транспорт.
Патничките автомобили сочинуваат околу 12 проценти од вкупните CO2 емисии во Европската унија и постоечките цели за флотни емисии бараат 37,5 проценти намалување од 2035 година. Barclays Plc верува дека ќе биде тешко за производителите да достигнат 60 проценти намалување на емисиите до 2030 година дури и со plug-in хибридите, што значи дека уште повеќе целосно електрични модели ќе бидат потребни на пазарот.
„Овие цели не треба да бидат изненадување, иако јасно бараат забрзана промена“, изјави Каи Александар Милер, автомобилскиот аналитичар на Barclays.
„Затегнувањето на CO2 целите е голем поттик за европскиот ЕВ пазар. Постојаниот показател на се поголемата ЕВ посветеност на европските производители веројатно е показател дека тие биле свесни дека пристигнуваат многу построги цели“, истакна Мекерахер.