ЕВ револуција: Nissan ќе лансира цврсти батерии до 2028
Nissan најави ЕВ револуција за 2028 - цврсти батерии со поголем домет, побрзо полнење и пониска цена кои ќе направат промена на пазарот

Nissan официјално потврди дека до 2028 година ќе ги претстави своите први електрични возила со чврстотелесни батерии – технологија која ветува значително подобрување во досегот, брзината на полнење и цената на батериите. Ова е амбициозен чекор што би можел да ја разниша доминацијата на Tesla и да го забрза електрификацискиот прогрес на глобалниот автомобилски пазар.
Потврдена цел: Nissan ќе биде подготвен до 2028
И покрај финансиските предизвици со кои се соочува компанијата, Nissan останува посветен на развојот на чврстотелесните батерии. Кристоф Амблар, директор за планирање на производи во Nissan Европа, за Auto Express изјави: „Да, ќе бидеме подготвени за чврстотелесни батерии до 2028 година.“ Тој додава дека технологијата нема да се форсира предвреме, бидејќи доверливоста и задоволството на клиентите се на прво место.
Зошто чврстотелесните батерии се иднината?
Чврстотелесните батерии нудат до 30% поголема енергетска густина во споредба со денешните литиум-јонски батерии, пониски трошоци за производство и компатибилност со ултра-брзо полнење. Наместо течен електролит, овие батерии користат цврста супстанција, што овозможува подобро управување со температурата, побезбедно функционирање и поефикасна конфигурација.
Овие батерии не се резервирани само за градски автомобили. Се шпекулира дека следната генерација на Nissan GT-R би можела да ја користи оваа технологија – било како целосно електричен автомобил или како хибрид. Концептот Hyper Force, претставен во 2023 година, веќе најави електрична платформа со моќност од 1.341 коњски сили.
Потенцијална примена и кај хибриди
Амблар открива и дека Nissan разгледува примена на чврстотелесните батерии и во идни plug-in хибридни модели. „Не знаеме точно каде ќе не одведе оваа технологија, но активно ги истражуваме сите можности“, вели тој.
Во трката не се сами
Целта на Nissan да започне сериско производство на чврстотелесни батерии се совпаѓа со стратегиите на Toyota, Stellantis, VW Group, BYD и SAIC. Дури и најголемиот производител на батерии во светот, CATL, планира да стартува со ограничено производство до 2027 година.
Во играта влегуваат и технолошките гиганти – Xiaomi и Huawei веќе поднеле патенти поврзани со оваа технологија, што укажува на брзорастечки интерес надвор од традиционалната автомобилска индустрија.