Ferrari го објави филмот Le Grand Rendez-Vous со SF90 и Шарл Леклер
Пред извесно време најавивме дека Ferrari подготвува своевидно продолжение или римејк на култниот филм C’était un rendez-vous со SF90 и Шарл Леклер во главните улоги
Formula 1 возачот од редовите на Scuderia Ferrari, Шарл Леклер, и неодамна претставениот модел SF90 се најдоа во фокусот во новата рекламна рекапитулација на филмот C’était Un Rendez-Vous. Проектот, кој претставува римејк или продолжение на култниот француски филм, го понесе името Le Grand Rendez-Vous.
За целото снимање беше задолжен Клод Лелуш, креаторот на оригиналниот филм од 1976 година, а сцените се снимани низ улиците на сончевиот Монте Карло за времетраењето на карантинот предизвикан од пандемијата на коронавирусот. Во еден момент, крај Леклер се најде и принцот Алберт од Монако.
„Новиот краткометражен филм ги евоцира спомените на популарната трка во Монте Карло и звукот на Fеrrari 275GTB кој стана инстантно препознатлив преку филмот снимен во 1976 година во Париз“, велат од Ferrari.
Formula 1 возачот на Ferrari Шарл Леклер, кој потекнува токму од Монако, го возеше новиот Ferrari SF90 Stradale хибриден суперавтомобил на затворената F1 патека во Монте Карло. SF90 Stradale е најновото инженерско ремек дело на италијанската компанија и претставува првиот хибриден продукциски модел на Ferrari.
„Ова беше фантастичен ден, неверојатно искуство. Автомобилот е неверојатен за возење, поседува голема моќ. Јас за прв пат го возев, но наскоро ќе имам повеќе време да уживам во него“, изјави Леклер.
Погледнете го видеото во прилог и уживајте.