Ferrari со тизер го најави новиот револуционерен автомобил
По претставувањето на Competizione моделот во втората половина на април, Ferrari се подготвува за премиерата на уште еден нов спортски автомобил
Ferrari со видео тизер ја најави премиерата на својот нов револуционерен суперавтомобил, а најверојатно станува збор за хибридниот V6 модел на компанијата. Со оглед на тоа дека не се споделуваат многу детали, во моментов не може да се знае со сигурност за што станува збор, но со оглед на тоа дека се користи терминот „револуционерен“, јасно сугерира дека ќе биде сосема поинаков вид на Ferrari автомобил. Според некои информации, италијанскиот бренд ќе го претстави својот нов влезен модел во понудата, со кодно име F171, кој ќе користи V6 мотор и кој првично беше најавен уште во септември 2018 година.
Во видеото нема увид во самиот автомобил, но во истото се појавува FDA Esports возачот и светскиот шампион во F1 Pro Series од 2019 година, Дејвид Тониза, кој ја има задачата да го промовира новиот автомобил.
Инаку, кога станува збор за хибридниот суперавтомобил на Ferrari, се очекува тој да користи 3,0-литарски V6 битурбо агрегат кој ќе биде засилен со електромотор кој ќе му овозможи на автомобилот да се движи исклучиво на електрична енергија. Овој модел би требало да биде директен конкурент на хибридниот McLaren Artura, а би можел да понуди слични нивоа на перформанси со F8 Tributo. Plug-in хибридната поставка би требало да овозможи вкупна моќност од околу 700 КС, додека батеријата би требало да се пренесе од SF90 Stradale.
Единствено што може да се забележи во тизер видеото кое ја најавува премиерата закажана за 24 јуни е управувачот кој ќе се најде во самиот автомобил, а од она што може да се забележи, истиот нема да има контроли чувствителни на допир како кај останатите понови Ferrari модели. За повеќе информации и детали ќе мораме да ја сочекаме премиерата.