Ford го најави електричниот Mustang Cobra Jet со 1.400 КС
Од Ford Performance најавуваат дека прототипот на Mustang без мотор со внатрешно согорување дистанцата од 0 до 400 метри ќе ја минува за околу осум секунди
Во 1968 година Ford за прв пат го претстави Cobra Jet како опција за моделот Mustang, а резултатот беше фантастичен. Иако не станува збор за најмоќен, Cobra Jet со истиот 7,0-литарски V8 агрегат, олеснета каросерија и спортски пневматици, му овозможи да бележи одлични резултати на драг трките. Сега пред нас е најновата генерација за 2021 година, на моделот кој четири децении беше користен како драгстер за професионалниот авто-мото спорт во NHRA шампионатот.
Од одделот на Ford во кој се развиваат спортски и тркачки автомобили пристигна интересен прототип на основа на моделот Mustang, а автомобилот кој е напојуван исклучиво од електромотори е направен да ги покаже можностите на струја и на популарните трки на забрзување во САД на кои се мери времето потребно за минување 402 метри.
Наместо „набилданите“ V8 мотори со големи работни зафатнини на кои обично им помагаат механичките компресори, Ford ќе излезе на мегдан со Mustang Cobra Jet 1400 чија бројчана ознака во називот сугерира дека електромоторите произведуваат 1.400 КС и речиси 1.500 Nm максимален вртежен момент. Од Ford велат дека сето ова ќе биде доволно за Cobra Jet дистанцата од 402 метри да ја „прелета“ за околу осум секунди со излезна брзина од над 270 километри на час.
Во развојот на прототипот со кој Ford, покрај активното учество во развојот на тркачки автомобили напојувани исклучиво на струја, сака да го одбележи почетокот на испораката на електричниот Mustang Mach-E, учествуваа неколку реномирани компании во кои веќе одамна немаат тајни кога станува збор за драг тркањето.
Во меѓувреме на интернет се појавија првите фотографии, додека официјалната презентација ќе пристигне до крајот на годината. Автомобилот би требало да започне со натпреварувањето во NHRA во текот на сезоната 2021.