Ford го освежи Transit со Trail и Active верзии за Европа
Ford ја освежува својата понуда на комерцијални возила за европскиот пазар, а први низ редизајнот поминаа моделите на гамата Transit
Ford за европскиот пазар започна да ги прима понудите за новите Trail „теренски“ верзии за моделите Transit и Transit Custom, а првите испораки ќе стартуваат во текот на летото. Овие модели се истакнуваат со мат црната предна маска и големиот Ford натпис кој е инспириран од моделот Raptor. Исто така забележливи се и црните заштитни елементи околу праговите и штитниците за кал, новите 16-инчни алуминиумски тркала, специјалните Trail ознаки, како и покривните носачи кај Transit Custom кои се нудат како опција.
За внатрешноста се предвидени кожни седишта, а дел од стандардната опрема вклучува и клима-уред, како и ветробранско стакло со греење. Електричните ретровизори исто така се вклучени во цената, заедно со автоматското светло. Двата модели го „поддржуваат“ „оф-роуд“ физајнот со LSD диференцијалот и дотераниот traction control систем, додека Transit е достапен и со интелигентниот погон на Ford на сите четири тркала. Системот ја испраќа целата своја моќност на задните тркала во нормални услови, но доколку има потреба, може да испрати и до 50 проценти на предната осовина.
Купувачите на двата модели ќе можат да избираат меѓу panel van и double-cab-in-van верзии, зависно од нивните потреби, како и 2,0-литарски дизел мотори со 128 КС, 168 КС и 182 КС. Ford Transit Custom Trail моделите пристигнуваат и со 48-волтна блага хибрнидна технологија, која ја акумулира енергијата која се губи при сопирањето и подоцна се користи да му се помогне на моторот кога возилото е натоварено.
Active верзија за Transit Custom i Tourneo Custom
Новина во понудата е и претставувањето на Active верзијата на моделите Transit Custom и Tourneo Custom. Исто како и кај Trail моделите, овие две верзии добиваат „понабилдан“ изглед со дополнителна заштита на екстериерот, но LSD диференцијалот е достапен само како опција, а опција со погон на сите четири тркала нема.
Active моделите привлекуваат внимание со 17-инчните алуминиумски тркала, предната „мрежеста“ решетка, покривните носачи, делумно кожните седишта, како и сините детали во внатрешноста кај патничката варијанта на Tourneo Custom Active. Купувачите кои ќе се одлучат за Tourneo Custom Active добиваат само еден тип на каросеријата – MPV возило со осум седишта – но истиот опсег на трите дизел мотори кои се наоѓаат кај Transit Custom Trail. За купувачите на Transit Active постои поголем избор, кои ќе можат да бираат меѓу panel van и double-cab-in-van верзија, како и избор за пократко или подолго меѓуосовинско растојание.
Transit Custom Trail во Велика Британија стартува од 29.950 фунти, Transit Trail е достапен од 35.685 фунти, Transit Custom Active се продава по цена од 30.000 фунти, додека неговата Tourneo верзија од 37.950 фунти.