Женева 2021 откажана – GIMS оди на продажба
Организаторите мораа да го откажат годинешното издание на Салонот во Женева поради пандемијата на коронавирусот, иднината на саемот неизвесна
Поради економската и човечката штета за сè уште присутната пандемија на коронавирусот, организаторите на Меѓународниот Салон за автомобили во Женева одлучија да го откажат и настанот за следната година. Со оглед на тоа дека Салонот по традиција се одржува во март, оваа информација делува како најава дека автомобилскиот свет сè уште е далеку од нормализација.
Доцна синоќа во нашата редакција пристигна соопштение од Фондацијата на Салонот известувајќи дека годинешното издание на Салонот во Женева мораше да биде откажано во последен момент. Планиран и организиран долго пред пандемијата на коронавирусот жестоко да удри врз економијата и патувањата ширум светот, организаторите првично истакнаа дека Салонот во 2020 ќе се одржи и покрај сè. По јавните критики дека организаторите не ја сфаќаат пандемијата сериозно, тие мораа да го откажат настанот. Овој пат, нема да чекаат до последен момент и го откажуваат следното издание девет месеци однапред.
Оваа одлука во најголем дел е донесена поради реакциите на автомобилските производители. Според соопштението на GIMS, повеќето од ланските изложувачи индицирале дека најверојатно ќе го прескокнат Салонот во 2021 година доколку се одржи. Не само што е тешко да се предвиди дали вака големи настани и собири ќе бидат дозволени до март 2021, исто така е и скапо коцкање. Со оглед на тоа дека производителите се соочуваат со опаѓање на продажбата поради пандемијата, тешко е да се оправдаат настаните со високи инвестиции кои на крајот можеби и нема да привлечат многу учесници.
Организаторите одбиле заем, GIMS оди на продажба
Покрај тоа што Салонот за 2021 е откажан, Фондацијата ги објавија своите планови со кои се заблагодаруваат на државата за понудената финансиска поддршка, која ја одбиваат и преферираат да го стават настанот на продажба. Тие сакаат да го продадат Салонот на Palexpo SA, местото каде што се одржува настанот, истакнувајќи дека не гледаат финансиско опоравување наскоро. Според нив, во ваков случај ќе се осигура регуларна организација на Меѓународниот Салон за автомобили во Женева. Инаку, GIMS е најголемиот јавен настан во Швајцарија, а економскиот имапакт кој го носи за Кантонот Женева е 200 милиони швајцарски франци годишно.
Автомобилските настани ширум светот се соочуваат со слични дилеми. За нив се потребни месеци планирања и масивни инвестиции. Авто Салоните и онака се мачеа да останат релеванти пред избивањето на пандемијата, но сега кога големите собири остануваат забранети во блиска иднина, ќе биде уште потешко за нив да опстојат во досегашната форма. Поради големите маси на луѓе, потпирањето на меѓународното патување и типичното функционирање во големи затворени простории, многу е веројатно традиционалните автомобилски Салони да не се вратат на програмата во следниот период.