Hyundai официјално ја претстави новата генерација на i20
По првите фотографии кои кон почетокот на неделата се најдоа на интернет, корејската компанија ги објави и техничките детали за новиот i20
Јасно е дека корејската компанија сака да направи јасна дистинкција од претходните модели со новите генерации и во тоа успеа. Новата генерација на i20 пристигнува со целосно нов дизајн и со поатрактивен изглед во однос на својот претходник, со цел на европскиот пазар да се избори со мошне силната конкуренција која ја сочинуваат барем десетина модели од B сегментот. Актуелниот стил на Hyundai најде примена и кај овој модел, а тоа е очигледно.
На предниот дел од автомобилот доминира голема решетка, но благодарение на острите агли сето тоа изгледа многу поспортски. Задниот дел од возилото исто така мина низ детални промени, но се чини дека за нијанса помалку атрактивен од предницата. Исто така, позади може да се забележи и LED лента која ја спојува задната светлосна група.
Кога станува збор за димензиите, пропорциите на новиот автомобил се нешто поинакви од претходно, што станува обичај во B сегменетот. Така, новиот i20 сега е понизок, но и поширок за околу 30 mm во однос на својот претходник. Вкупната должина е незначително поголема, односно за 5 mm, додека меѓуосовинското растојание сега е продолжено за 10 милиметри. Hyndai исто така соопшти дека багажникот на новиот i20 сега е поголем за 25 литри во споредба со актуелната генерација на овој автомобил.
Новата генерација на i20 пристигнува со високо ниво на технологија
Во Hyundai се гордеат со технологијата во новиот i20, а стана јасно дека Корејците си ја завршиле домашната работа и добро го проучиле пазарот, со што сфатиле што се преферира на пазарот во моментов. Така, големи промени се воочливи и во патничката кабина. Во поскапите пакети на опрема Hyundai на купувачите им нуди и 10,25-инчна дигитална инструмент табла, како и уште еден екран со истите димензии кој е наменет за инфозабавниот систем во возилото. Но, изгледот на i20 во внатрешноста Hyundai го остави за јавната премиера во Женева, така што во моментов не се достапни повеќе детали.
Hyundai i20 доаѓа со SmartSense безбедносниот пакет
Меѓу опциите кои ги нуди Hyundai тука е и бежичниот полнач за паметни телефони, а за поврзување на располагање се Apple CarPlay и Android Auto системите. За оние кои сакаат да уживаат во добар звук во возењето, тука е и опциониот Bose аудио систем со 8 звучници. Корејската компанија наведува дека i20 пристигнува со SmartSense безбедносниот пакет и останатите напредни системи за асистенција меѓу кои е и интелигентниот адаптивен темпомат базиран на навигацискиот систем. Тука се уште и асистенцијата за одржување на автомобилот во сообраќајната лента, предупредување за возила во мртов агол и автомобили кои надоаѓаат од страните, како и унапреден систем за предупредување на можен фронтален судир, со опција за детекција на пешаци на патот.
Моторизацијата се состои од два бензинци. Базичниот 1,2-литарски четирицилиндричен мотор произведува 84 КС и е во комбинација со 5-степен мануелен менувач. Вториот бензински агрегат е трицилиндричниот 1,0-литарскиот GDI мотор со турбо полнење достапен во две опции на сили. Послабата има 100 КС, а посилната 120 КС и може да биде надограден со 48-волтен благ хибриден систем. Турбо-бензинците се поврзани или со шестстепени мануелци или со седумстепени автоматски менувач со двојна спојка.
Повеќе информации за овој автомобил ќе бидат познати по премиерата на новиот i20 која е закажана за престојниот Саем на автомобили во Женева.