Интервју со Томислав Нафидоф: Се гордеам на бројката од 20.000 продадени возила
Тој е регионален директор на продажба за возилата Peugeot во Еуроимпекс веќе 23 години и со пиетет зборува за бизнисот низ годините
Компанијата Еуроимпекс како прва приватна автомобилска компанија во Македонија сега брои веќе 28 години постоење. Генерален увозник е за брендот Peugeot во Македонија, а од неодамна и во Србија, Црна Гора, Косово и Албанија. Во овој период новната статистика вели дека годината ќе ја завршат со бројка од 20.000 продадени возила во нивната историја. За предизвиците во 28 години продажба зборувавме со регионалниот директор за продажба Томислав Нафидов:
АП: Кажете ни нешто за почетоците и развојот на Брендот на домашниот пазар.
И покрај тоа што 28 години не се малку и звучат можеби „застрашувачки“ да толку години успешно опстојува компанијата, можам да кажам дека времето поминато во истата мене ми помина неосетно.
Верувајте дека времето минува многу брзо кога сте во постојана функција и кога го делите работното секојдневие со тим кој е професионален, спремен на промени, секогаш подготвен за предизвици и најважно од сè во секодјневие во кое обемот на работа само се зголемува, без разлика на трендот на пазарот, па така од 2014 година моите обврски добија и регионални размери.
Инаку јас сум во оваа компанија веќе 23 години, од кои не цели 15 години ја носам функцијата Директор на продажба, притоа успешно поминувајќи низ секој сегмент од процесот наречен „Продажба на возила”, и сето тоа благодарение на моите два ментора Кирил и Даниел Воиновски. Па така можам да посведочам за почетоците на работењето и како овој пазар функционираше на времето…
Сосема неблагодарно е да се направи таа споредба со тогашната продажба на возила и оваа сега. Да се навратиме дека во тоа време постоеа и саеми за автомобили, постоеа и потрошувачи со многу поголема куповна моќ и она најважното увозот на користени возила беше во неспоредливо помал обем. Не се ни размислуваше во таа насока.
Сите се сеќаваме на легендарниот Peugeot 206 и најпознатата ТВ реклама со индиецот и слонот. За тоа време модел како 206 оствари масовна побарувачка на глобално ниво. Не само кај нас. Во тоа време, се чекаше со месеци за да се купи Peugeot 206 каде што на купувачите не им ни беше важно дали е бензин/дизел, дали ќе купат во бела, плава или црвена боја, битно беше да се купи 206ка. Секогаш имавме по едно или две возила „под маса“ за свои клиенти или пријатели.
Но за жал сега условите се променети, па така и целосната стратегија на Брендот и аналогно на тоа се промени и внатрешното функционирање на компанијата. Покрај целата реконструкција на пазарот и нашето работење регионално, со сигурност можам да кажам дека трендот на продавање на возила во Еуроимпекс не е опаднат. И самите бројки можат да посведочат за овој факт.
Се гордеам со фактот дека Еуроимпекс заклучно со 2018та година продаде 20.000 возила! Од кои претпоставувам веќе очекувате дека број 1 најпродаван модел е легендарниот Peugeot 206 со вкупно 4.210 возила, по него веднаш е Peugeot Partner со 3.186 возила и Peugeot Boxer на трето место со 1.510 возила. Од овие бројки произлегува и фактот за нашата голема застапеност во продажбата на комерцијалните возила на пазарот. А трендот за кој ви зборував претходно е следниов:
-> 10.000 возила сме продале во Македонија во период од 12 години (од 1994 до 2006)
-> 10.000 возила сме продале за исто толкав период од 12 години (од 2007 до 2019)
Ако гледаме статистички, повторно се потврдува дека брендот Peugeot има таканаречен „β“ коефициент т.е. кога пазарот паѓа-брендот паѓа драстично повеќе, а кога пазарот е во пораст-коефициентот на пораст на брендот е поголем од порастот на пазарот.
АП: Ова е навистина значаен податок, дали тоа значи дека предвидувањата на Принципалот и истражувањата на пазарот биле доволно детални за да се предвидат промените. Која е стратегијата на Брендот?
Професионалците на Принципалот работат на секое поле за да добијат производ со бескомпромисен квалитет. Кога имате производ кој ги задоволува сите барања на клиентот – успехот е неизбежен.
И секако дека зад ваков успех стојат детални предвидувања и истражувања на пазарот, но и на потрошувачот, како најголем фактор за бројката на продадени возила. Брендот Peugeot од секогаш нудел производ кој ги задоволува сите типови на потрошувачи, а во изминативе 4 години Брендот ја менува стратегијата и произведува автомобили кои се движат кон премиум класата.
Денешниот клиент е целосно променет. Како прво има многубројни барања и без многу време на располагање, па сака времето поминато во своето возило, да биде време со уживање и удобност при патувањето, а при тоа да се чувствува целосно безбедно, па така Брендот ги создава SUV моделите.
Водечките модели на брендот кои направија „бум“ во продажбата: Peugeot 2008, 3008 и 5008. Посебно можам да го издвојам 3008 со 47 Интернационални награди, масовно баран модел на регионот кој го застапуваме.
Европските бројки пак за овој модел конкретно се навистина фасцинантни, само во ЕУ, во првите седум месеци од 2018та година се продадени 130.000 примероци или пораст од 30% споредбено со цела 2017та година. Од неговото лансирање во октомври 2016 година, Peugeot 3008 е вистински успех за Брендот. Ова е третото најдобро продавано возило во Франција во 2018 година и со тоа Peugeot е лидер во категоријата SUV во Европа заедно со моделите 2008, 3008 и 5008.
АП: Како Регионален Директор на продажба кажете ни за структурата на различните пазари и како сте задоволни од продажбата?
Земајќи го фактот дека принципалот е задоволен од нашите остварени резултати, нормално е дека и ние сме задоволни од бројките кои ги остваруваме… иако секогаш целиме кон уште подобро.
Во моментов застапуваме 5 различни пазари, велам различни затоа што и покрај тоа што менталитетот на потрошувачот е малтене сличен (посебно ако ги споредуваме Македонија и Србија) но реалноста е дека станува збор за различна големина на пазарот, за различни услови на кредитирање, за различни можности кои ги нуди секој пазар. Еве на пример во Србија како најголем пазар во регионот се бараат возила со повисоко ниво на опременост без разлика на сегментот, потоа во Албанија и Косово преовладуваат барањата за возила со автоматски менувачи и дизел мотори, додека пак во Македонија трендот на автоматски менувачи сè уште не е толку голем… преовладуваат барањата за мануелен менувач.
Токму таа нееднаквост на пазарите нам ни овозможува продажба на сите модели во гамата со различно ниво на опременост и различни мотори и менувачи. Она што посебно ме радува е што денес клиентите се целосно информирани кога станува збор за автоиндустријата и е многу едноставно да на потенцијалниот клиент му ги претставиш новитетите кои земаат голем замав во автомобилизмот и комуникацијата е многу едноставна, а и потрошувачот точно знае што побарува.
АП: Во моментов располагате со најмладата гама на возила (во просек не постари од 3 години), кои се вашите очекувања за најновите модели на брендот – Peugeot 508 и Rifter на македонскиот пазар конкретно?
Сите возила од Peugeot гамата носат ДНК на брендот, кодот е впишан и во најситните детали. Квалитет без компромис е мотото на Брендот. Peugeot имплементира најнова технологија, нови поекономични мотори со ниска потрошувачка и ниска емисија на CO2, гамата има софистициран дизајн, употребени се материјали со врвен квалитет и возилата имаат прецизна и префинета завршна обработка, сега повеќе од кога било „иновацијата“ е клучна алатка за успешно конструирање на возила. Почнувајќи од најмалиот претставник во гамата (Peugeot 108), па сè до „најголемиот“ (Peugeot Boxer) брендот будно го следи пулсот на потенцијалниот клиент. Ова што го кажувам не е зборување суперлатив, тоа се факти.
Брендот ги комбинира сите елементи и создава модели креирани од желбите и потребите на крајните потрошувачи. Конкретно таа цел е постигната со Новиот Peugeot 508. Да појаснам дека новиот 508 не е неследник на претходниот модел. Тој е сосема ново возило и претставува една нова визија и влез во целосно нова ера! Ера на спортска елеганција, на технологија, на автономност, на моќ!
Овој модел е дизајниран за конкретна целна група. Профилот на потенцијалниот купувач е многу внимателно креиран. Со овој модел сакаме да ги привлечеме купувачите наклонети кон високата и премиум класа, да ги освоиме младите и модерни купувачи, како и купувачите со повисока платежна моќ.
Со еден збор, наша цел е да новиот Peugeot 508 биде клучен играч во сегментот! Додека пак за Новиот Peugeot Rifter, едноставно наша цел е да го повториме долгогодишниот успех на Peugeot Partner кој го споменав како еден од нашите најпродавани модели низ историјата.
За крај можам да кажам дека продажбата на Peugeot има тенденција на пораст и во Европа и во регионот во кој го застапуваме брендот и сме посебно горди на тој факт. Позитивен тренд нé очекува и следната година, се надевам со засилен интензитет. Ќе имаме многу предизвици да ги совладаме заедно и тимски.