Календарот во Formula 1 се крати, одложен почетокот во Баку
Пандемијата на коронавирусот направи сериозен проблем во Formula 1, откако голем број на трки се одложија или откажаа, а сега е поместен и почетокот на сезоната
Имуни на оваа ситуација не се ниту раководните лица на Formula 1. Имено, до сега требаше веќе да се одржат две трки во новата сезона од најбрзиот циркус на планетата, но не само што немаше ниту една, туку прашање е и кога болидите ќе излезат од гаражите и ќе се најдат на патеките. Трките за Големата награда на Австралија и Големата награда на Монако се веќе откажани и нема воопшто да се одржат оваа сезона.
Од друга страна, трката во Баку за Големата награда на Азербејџан, за која многумина веруваа дека ќе биде првата трка во сезоната и дека ќе се одржи со сигурност, од вчера е суспендирана, со надеж дека ќе се пронајде термин до крајот на сезоната за сепак да се одржи.
Уличната трка во Баку требаше да се одржи на 7 јуни и со тоа да започне новата сезона од Formula 1 шампионатот. Сепак, тоа нема да се случи. „Одлуката за одложување е донесена по состанокот со претставниците на Formula1, FIA и Владата на Азербејџан. Последица е пандемијата на коронавирусот и заснована е на стручни упатства кои ни ги доставија наделжните власти. Како и нашите навивачи, така и ние сме разочарани што нема да има трка низ улиците на Баку овој јуни. Ќе продолжиме блиско да соработуваме со надлежните органи со цел да обезбедиме нов датум за одржување на трката подоцна во текот на сезоната“, стои во соопштението.
Organisers of the Azerbaijan Grand Prix have taken the decision to postpone the 2020 race due to the global spread of Coronavirus pic.twitter.com/o5cKQb2obY
— Formula 1 (@F1) March 23, 2020
Шест трки одложени, две се откажани
Тоа автоматски значи дека почетокот на сезоната во Formula 1 сега се поместува за 14 јуни, кога на програмата е Големата награда на Канада. Но, ќе биде многу тешко да се најде нов датум за одложената трка во Азербејџан, со оглед на тоа дека пред Баку, суспендирани беа и трките во Бахреин, Ханој, Шангај, Зандворт и Барселона, поради ситуацијата со коронавирусот.
Тоа се вкупно шест одложени трки, на кои се додаваат и две веќе откажани трки. Според последните проценки, мали се шансите сезоната да започне пред јули. Не треба да се заборави дека уште 14 трки остануваат во календарот од Formula 1, последната според плановите требаше да се вози во Абу Даби на 29 ноември. Како ќе успеат челниците на F1 да го „спакуваат“ сето тоа во само половина година останува нејасно, бидејќи делува невозможно.