fbpx

Краток тест Fiat 500X: Стилот како предност

Малиот Fiat 500 низ годините создаде вистински култ на следбеници и огромна база на верни фанови. Свесни за адутот што го поседуваат во ракавот, италијанците лансираа цела гама на модели кои го носат легендарниот беџ, а како што налага и самата приказна модерно интерпретираниот дизајн цврсто се потпира на ретро стилот

Наменет за оние кои обичниот модел 500 не може да им ги исполни нивните секојдневните потреби, компанијата Fiat нуди алтернатива во облик на изведбата 500X чии што пропорции и изглед го сместуваат моделот директно во ултра полуларниот сегмент на урбани кросовер автомобили.

Дизајнерите кои доаѓаат од Апенинскиот полуостров отсекогаш важеле за врвни мајстори кога станува збор за обликувањето на автомобили. Нивната умешност е евидентна веднаш штом го погледнете 500Х. Уникатната способност да се соединат потребните состојки за создавање на еден модерен кросовер проткаени со низа ретро детали прават одличен сплет што недоливо го поврзува со култниот модел 500. На неколкудневно дружење ни беше одстапен моделот кој за 2019 година доживеа благо дотерување на надворешноста, подобрување на внатрешноста, дополнување на моторната понуда и подигнување на пасивната и активна безбедност на повисоко ниво. Во суштина промените на екстериерот се сведени на минимум. Тие се однесуваат на дотераниот облик на предниот и задниот браник, дневните LED светла како и начинот на кој се изведени задниот пар светлосни групи. Што воедно значи дека нивната работа била успешно завршена уште кога овој модел дебитираше пред цели 6 години.

Eнтериерот кај 500Х исто така доаѓа со промени кои го прават пософистициран од претходно и му дозволуваат да се натпреварува со поновите конкуренти во класата. Пред возачот е сместен нов кластер на инструменти и управувач со нов дизајн кој се чувствува многу удобно во рака. Технолошките моменти им припаѓаат на новите системи за помош на возачот при управување во секојдневниот сообраќај, како и најновиот седум-инчен Uconnect систем чувствителен на допир, кој вклучува стандардно поврзување на паметени телефони од универзумот на Android или од еко системот на iOS.

Подобрувања на квалитетот се забележливи кај употребените материјали кои се своевиден микс на мека компонента и цврсти пластични оплати. За внесување на дополнителен блесок на боја во ентериерот предниот панел кој се протега по хоризонтала пред возачот и совозачот е обоен во боја на каросеријата, што нас особено ни се допадна. Кабината нуди доволно простор за четворочлено семејство. Тоа значи дека освен комфор на предните седишта има повеќе од доволно простор и на задната клупа.  Габаритот на багажникот изнесува 350 литри и се проширува на 1.000 литри ако се преклопат задните седишта.

Тестираниот модел го движеше 1,6-литарскиот турбодизел агрегат со 120 КС што силата ја испраќа на предните тркала. Секогаш подготвен да реагира на педалот за гас овој агрегат повлекува силно веќе од 1.750 врт/мин. Притоа, во тој момент достапни се и сите 320 Nm. Благодарение на прецизниот шест-брзински мануелен менувач совршено се комбинирани малата потрошувачка и удобноста која доаѓа до израз преку еластичноста на моторот. За време на тестот, просечната потрошувачка беше прифатливи 6,2 л / 100 км. Една од посебните карактеристики на 500X е што поседува независна суспензија напред и назад. Заедно со 16-инчните тркала од лесна легура и пневматици со димензии 215/60 (стандард во Urban пакетот) се задолжени за квалитетот на возењето кое може да се окарактеризира како балансирано, но во најголем дел ориентирано кон удобната страна.

500X

Иако во ниту еден елемент не е најдобар во класата, 500Х е подеднакво добар во како и неговите конкуренти. Знаејќи дека купувачите најпозитивно и најемотивно реагираат на дизајнот, италијанската марка умешно го користи својот стил како предност пред останатите.

Цена на тестираниот модел: 19.550 евра

Технички податоци за Fiat 500X Urban 1.6 Mjet 120HP:
Работна зафатнина 1.598 cm3
Максимална моќ 120 КС (88 kW)
Максимална брзина 186 км/ч
Забрзување 0-100 км/ч 10,7 секунди
Комбинирана потрошувачка 5,9 л/100 км
Емисија на CO2 124 г/км
500X Urban 1.0 GSE T3 120 MT 17.890 евра
500X Urban 1.3 Mjet2 95 MT 18.900 евра
500X Urban 1.6 Mjet2 120 MT 19.500 евра
500X City Cross 1.3 GSE T4 150 DDCT 20.700 евра
500X City Cross 1.6 Mjet2 120 MT 22.200 евра
500X Cross 1.3 GSE T4 150 DDCT 23.000 евра
500X Cross 1.6 Mjet2 120 MT 24.500 евра

Повеќе информации на официјалниот сајт или во продажниот салон на Fiat во Македонија.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button