Lancia го претстави новиот и целосно електричен Ypsilon
Lancia ќе направи само 1.906 единици од Ypsilon Limited Edition Cassina пред да ги покаже сите верзии за поширокиот пазар
Долгоочекуваната и долго најавуваната „ренесанса“ на италијанската марка Lancia и официјално започна со лансирањето на првото електрично возило на овој производител. Официјално е покажан целосно новиот Ypsilon за 2024 година, во пресрет на неговото јавно деби кое ќе се одржи во Милано на 14 февруари.
Субкомпактниот модел беше претставен во ЕВ-ексклузивната опрема Limited Edition Cassina. Lancia планира да произведе 1.906 „нумерирани и сертифицирани единици“ во чест на годината на основање на брендот.
Ова е првпат Lancia да го покаже Ypsilon во неговиот полн сјај. Служејќи како прв сериски модел на новиот стилски јазик на Lancia, Ypsilon ја вклучува осветлената верзија на маската „calice“ и тркалезните задни светла инспирирани од легендарниот Lancia Stratos.
Овие карактеристики беа најавени од концептот Pu+Ra HPE и ќе бидат вообичаени меѓу сите идни модели, вклучувајќи го кросоверот Gamma и хечбекот Delta.
Mеѓу останатите впечатливи елементи на екстериерот треба да се истакнат и полигоналните фарови поставени пониско од вообичаеното на предниот браник и сјајните црни акценти околу надворешноста.
Ентериер
Во кабината, голем акцент беше даден на висококвалитетните материјали и уникатните карактеристики на дизајнот, така што кабината наликува на италијанска дневна соба, како што велат од Lancia. Ова чувство е нагласено благодарение на соработката со Cassina, италијански бренд за мебел од висока класа, што придонесе за изборот на материјали и бои. Посебните карактеристики ги вклучуваат кадифените тапацирани седишта со носталгичниот мотив „канелони“ и кружната централна конзола што изгледа како масичка за кафе.
Новиот Ypsilon е, исто така, првиот модел што го претстави инфозабавниот систем SALA (Sound Air Light Augmentation) на Lancia, кој ќе го најде својот пат во целата идна гама. Дигиталната пилотска кабина има распоред на двоен екран, додека осветлената топка на врвот на контролната табла најверојатно служи како виртуелен асистент подобрен со вештачка интелигенција.
Lancia не ги откри техничките спецификации на новиот Ypsilon, туку се фокусира на неговиот надворешен и внатрешен дизајн. Единствената официјална бројка наведена е опсегот кој изнесува 403 km со едно полнење. Овој опсег веројатно е постигнат преку употреба на батериски пакет од 54 kWh, кој се дели меѓу различни електрични возила од Stellantis со иста големина и платформа.
Италијанскиот хечбек ја дели својата платформа со многу други возила на Stellantis, вклучувајќи ги Peugeot e-208 и Opel Corsa, па дури и Jeep Avenger. Електричниот хечбек ќе биде проследен со хибридна верзија, која се очекува да го наследи благиот хибриден турбо-мотор од 1,2 литри со три цилиндри од корпата за делови на Групацијата.
По соодветното деби на 14 февруари, Lancia Ypsilon Limited Edition Cassina ќе тргне на турнеја низ италијанските салони и веднаш ќе биде отворена за нарачки. Исто така, треба да се истакне дека за разлика од 13-годишната Lancia Ypsilon во заминување која беше достапна само во Италија, новата генерација ќе се продава на повеќе европски пазари, по проширувањето на дилерската мрежа на брендот.