Легендарната Opel Mantra станува ЕВ
Opel одлучи да го ревидира својот легендарен модел Manta половина век по неговото лансирање кој ќе понуди електричен погон и класичен изглед
Официјално наречен Manta GSe ElektroMOD, овој модел му оддава почит на оригиналниот купе автомобил од 70-тите години на минатиот век и Elektro GT прототипот од 1971 годинакој постави неколку светски рекорди кога станува збор за електричните возила пред 50 години.
Како што може да се види и во самото видео кое пристигна заедно со соопштението, Manta GSe ElektroMOD се одликува со новиот Vizor преден дел на Opel. Корпоративниот лик кој веќе дебитираше кај најновите генерации на Mokka и Crossland ќе стане обележје на идната постава на брендот, а истиот носи нови LED предни светла и едноставна решетка со препознатливото лого на германскиот производител на средината.
„Она што беше јасно пред половина век се уште се вклопува совршено со дизајнерската филозофија на Opel и денес. Opel Manta GSe ElektroMOD стои храбро и самоуверено започнува нова иднина – електрична и без емисија, полна со емоции“, стои во соопштението на германскиот производител кој сега е дел од Stellantis.
Овој ретро концепт исто така се одликува и со целосно дигитален кокпит. Од Opel не откриваат никакви детали кога станува збор за електромоторот и батеријата, но со оглед на остане во согласност со оригиналната Manta, овој проект веројатно има погон на задните тркала.
Инаку суфиксот Elektro кој го добива оваа изведба на Manta е инспириран од првиот електричен автомобил на Opel кој спринтот до „стотка“ го достигнуваше за шест секунди благодарение на двата електромотори. Никел-кадмиумовата батерија нудеше автономија од само 44 километри, но само со возење при константна брзина од 100 километри на час.
Кога станува збор за идните планови на Opel, компанијата ќе го електрифицира секој модел до 2024 година. ЕВ офанзивата веќе започна со електричната Corsa-e, Combo-e, Zafira-e и Vivaro-e, Mokka-e заедно со plug-in хибридните модели. Opel се очекува да го претстави во целост Manta GSe ElektroMOD во следните недели.