Лесна победа на Меркез по грешките на Довициозо и Зарко
Домашните фанови по она маестрално возење на нивниот миленик Јоан Зарко, член на сателисткиот тим на Yamaha, во квалификациите и одличниот резултат со кој дојде до пол позицијата, се понадеваа дека конечно ќе имаат свој возач победник во трката за Големата награда на Франција, на легендарната Ле Ман, но тој падна, а тоа го стори и уште еден од фаворитите Андреа Довициозо, па актуелниот шампион Марк Маркез на Honda не му беше тешко да стигне до својата трета победа сезонава
По одличниот старт на Лоренцо и Маркез, Шпанците за кратко ја поведоа трката, но со одличен маневар на прекален ас, младиот Французин, Зарко, успеа да се најде на втората позиција. Во тие моменти по само неколку свиоци надвор од патеката се најде Андреа Ианоне. Лоренцо водеше, а Зарко изгоре во желбата да се најде на првата позиција, загуби контрола на мотоциклот и тоа беше вистинско разочарување за домашната публика, која многу веруваше во својот возач. Истата судбина ја доживеа и Андреа Довициозо кој излета од патеката во моментите кога дојде до првото место претекнувајки го својот тимски колега Хорхе Лоренцо. По ваквите настани, Лоренцо ја водеше тркатат пред Маркез и Петручи, но откако Хорхе значајно ги истроши гумите, падна дури на шестото место, додека Марк мирно стигна до хет-трик од победи во низа, по оние во Шпанија и Америка.
Втор низ целта мина Петручи, кој потврди дека е во добра форма, додека на победничкиот пиедестал се искачи и Валентино Роси на Yamaha, кој благодарение на падовите исто така успеа да остври поволен резултат и на крајот може да се пофали со добра завршница и покрај тоа што зад себе остави катастрофален викеенд. Милер беше четврти, кој во ниту еден момент не беше нападнат од Педроса, а шести веќе истакнавме, беше Лоренцо кој по се изгледа немаше добра стратегија од својот тим, а седми заврши Маверик Виналес.
По својата втора победа во кариерата на патеката во Ле Ман, Маркез направи значителна предност во генералниот пласман, каде сега има 36 бодови предност во однос на Маверик Виналес, 37 во однос на Зарко, а четврти сега е Валентино Роси кој заостанува 39 поени.