Lynk & Co активно го тестира моделот 05
Новиот кросовер на кинеско-шведскиот бренд е базиран на моделот Lynk & Co 05 и треба да започне со производство подоцна оваа година
Во суштина, Lynk & Co 05 претставува купе верзија на кросоверот 01, првиот производствен модел на брендот кој започна со продажба на крајот на 2017 година. Базиран е на компактната модуларна архитектура на Volvo, до која дојдоа по партнерството на Volvo со Geely.
Моделот Lynk & Co 01 е придвижуван од 2,0 литарски четири-цилиндарски мотор, кој произведува 190 коњски сили, а како plug-in верзија тој располага со 1,5 литарски три-цилиндарски бензински мотор и електричен опсег од 50 километри преку литиум јонска батерија. Кој од овие агрегати ќе се најде кај новиот 05 сеуште не е познато.
Возилото го добива своето нумеричко име затоа што тоа е петтото возило што Lynk & Co се обврза да го изгради по споменатиот 01 кросовер, малку помалиот кросовер 02, седанот 03 и хечбекот 04. Сите овие возила имаат сличен изглед и сите се засноваат на иста платформа. Секое од овие возила, исто така, треба да добие и plug-in хибридна верзија.
Прототипната верзија на кросоверот е забележана за време на тестирањето во близина на седиштето на Лотус во Хетел, Англија. Ова е разбирливо, поради тоа што покрај Lynk & Co и Volvo, Geely е и сопственик на Lotus. Покрај својот домашен пазар во Кина, планот на Lynk & Co е да ги продава своите производи во Европа и САД во текот на следната година или две.