fbpx

Maserati го претстави Ghibli Hybrid кој доби и освежен изглед

Првиот електрифициран автомобил на италијанската компанија, Maserati Ghibli Hybrid, пристигнува со благ хибриден систем и стилски редизајн на моделот

По необично долгата тизер кампања, Maserati Ghibli Hybrid конечно пристигна. Автомобилот делува препознатливо бидејќи не станува збор за нова генерација, туку за редизајн на истиот спортски и луксузен седан кој е на пазарот од 2013 година. Најголемата новост е пристигнувањето на хибридниот погон со кој започнува електрифицираната агенда на компанијата.

Ghibli Hybrid

Автомобилот се напојува со 2,0-литарскиот четирицилиндричен мотор кој е засилен со електричен турбополнач, 48-волтен алтернатор и батерија поставена на задниот дел. Овој погонски склоп испорачува 330 КС при 5.750 вртежи во минута и 450 Nm максимален вртежен момент, што овозможува Ghibli Hybrid од нула до „стотка“ да стигне за 5,7 секунди, додека максималната брзина изнесува 255 километри на час.

Ghibli Hybrid

Во споредба со V6 дизелот, намалена е емисијата на CO2 за цели 25 проценти. Моќноста се пренесува на задната оска благодарение на осумстепениот автоматски ZF менувач. Инаку, причината поради која Maserati се одлучи за благ хибриден систем наместо plug-in хибрид е тоа да се избегне дополнителна тежина на автомобилот, која сега е намалена за 80 килограми и изнесува 1.950 кг.

https://youtu.be/0r1XG5MP7Ns

Освежен дизајн

За да се нагласи eco-friendly варијантата, Maserati додаде сини акценти на надворешноста на трите странични отвори за воздух, на шапите од сопирачките и на своето препознатливо лого на предницата. Сината тематика продолжува и во внатрешноста каде седиштата пристигнуваат во истата нијанса. Со Ghibli Hybrid, италијанската компанија исто така го претставува и благото освежување на седанот, како што е унапредената предна решетка и предните светла, заедно со задните светла кои се инспирирани од 3200 GT и Alfieri концептот.

Ghibli Hybrid

Дополнителни промени можат да се забележат во внатрешноста каде што освежениот Ghibli добива нов инфозабавен систем кој работи на Android Auto, а екранот варира од 8,4 до 10,1 инчи. Сега тука е и целосно дигиталната инструмент табла која ги заменува традиционалните аналогни инструменти, додека новиот Maserati Connect програм го унапредува софтверот и редовно го проверува автомобилот за било какви проблеми.

Ghibli Hybrid

Ghibli Hybrid ја најавува електрификациската фаза на Maserati која ќе продолжи во 2021 година со целосно електричните верзии на следната генерација на GranTurismo и GranCabrio. Во меѓувреме, долгоочекуваниот MC20 суперавтомобил ќе биде претставен во септември.

Поврзани вести

Back to top button