fbpx

Maserati објави тизер фотки од MC20 во чест на Стирлинг Мос

Maserati претходно годинава потврди дека нивниот нов спортски модел ќе ја понесе ознаката MC 20 како потсетување на тркачкото педигре на компанијата

Maserati MC20, што претставува скратеница за Maserati Corse 2020, требаше да ја забележи својата премиера во мај оваа година во Viale Ciro Menotti фабриката на Maserati. Сепак, пандемијата на коронавирусот го одложи дебито за септември, а италијанската компанија денеска објави и нови најавни тизер фотографии на кои се најде новиот MC20 со камуфлажа. На оваа камуфлажа се наоѓа и името на Стирлинг Мос, со што Maserati му оддава почест на легендарниот Британец кој почина минатиот месец.

Инаку, денешниот ден не е избран случајно за објавување на овие фотографии, бидејќи на овој датум, 13 мај, во 1956 година, Стирлинг Мос зад воланот на Maserati 250F победи на трката за Големата награда на Монако. Од Maserati му оддаваат голема почит на Стирлинг Мос во своето соопштение, притоа нарекувајќи го најуспешниот возач кој никогаш не освоил титула во Formula 1. Со својот Maserati 250F, Стирлинг Рос во 1956 и неколку трки во 1957 година загуби единствено од Хуан Мануел Фанџо, кој пак, исто така управуваше со Maserati 250F, со што, како што истакнуваат од Maserati, се истакнува супериорноста на компанијата од Модена.

Кога станува збор за самиот автомобил, од Maserati се уште не откриваат детали и остануваат таинствени, но наведуваат дека Maserati MC20 ќе биде суперспортски автомобил кој претставува природна еволуција на претходно мошне успешниот модел MC12. Од Maserati потсетуваат дека MC12 во текот на својата историја забележал 22 победи и 14 шампионски титули, од кои последната во 2010 година. Со MC20 во Maserati посакуваат да го вратат приматот на компанијата на тркачките патеки, а воедно автомобилот ќе претставува и почеток на нова ера за италијанската компанија и ќе добие и електрична варијанта.

Една од верзиите на Maserati MC20 ќе се напојува со 3,6-литарскиот V6 twin-turbo мотор со повеќе од 600 КС, со осумстепен менувач со двојна спојка и со погон на задните или сите четири тркала. Потоа ќе пристигне и хибридната верзија, како и целосно електричната варијанта која ќе располага со три електромотори, погон на сите четири тркала, батерии од 800V, голема автономија на движење и брзо време за полнење.

Првите испораки на новиот Maserati MC20 се очекуваат во 2021 година, а една година подоцна ќе пристигне и Cabrio варијантата на моделот.

Поврзани вести

Back to top button