Maserati подготвува нов мотор кој ќе располага со 542 КС
Во Maserati напорно работат на развојот на својата нова погонска единица, а станува збор за twin-turbo V6 агрегат кој ќе го замени V8 моторот на Ferrari
Според најавите, новиот V6 twin-turbo мотор кој го развива Maserati би требало да биде 3,0-литарски и за прв пат ќе се најде во новиот модел на италијанската компанија – MC20. Покрај овој автомобил, споменатиот агрегат ќе биде применет во уште најмалку три модели.
Новоразвиениот мотор ќе го користат и наследниците на моделите GranTurismo и GranCabrio. Освен кај наследниците на овие автомобили, 3,0-литарскиот V6 twin-turbo агрегат би требало да го напојува и престојниот кросовер кој ќе пристигне, а во гамата на Maserati ќе биде позициониран под моделот Levante.
Како што може да се заклучи според првичните информации, новиот мотор кај кросоверот ќе развива 523 КС, додека кај другите модели со понизок клиренс на располагање ќе бидат 542 КС. Она што исто така е интересно е дека и стандардната верзија на моторот најверојатно ќе има одредено ниво на електрификација. Ова е спротивно на претходните најави кои индицираа дека ќе се појави посебен хибриден модел.
Новиот twin-turbo V6 според најавите ќе користи технологија наречена Turbulent Jet Ignition. Системот го користи просторот обично за свеќичката за да креира комора за ултра lean-burn согорување. Оваа поставка ја зголемува ефикасноста и ги намалува емисиите.
Maserati во моментов е прилично зафатен со развојот на неколку модели кои би требало да дебитираат во текот на оваа година. За 15 јули е закажана премиерата на освежениот Ghibli, а до крајот на годината треба да ги видиме рестилизираните Levante и Quattroporte. Најавениот MC20 ќе ја доживее својата премиера во септември, иако првично требаше да дебитира на годинешното издание на Салонот за автомобили во Женева кој беше откажан. Малиот кросовер на италијанската компанија би требало да се појави пред јавноста кон почетокот на следната година.