fbpx

Наместо субвенции за нови возила, субвенции за отпад

Владата на Македонија го усвои предлог-законот за намалување на давачките за 50 проценти за регистрирање на возилата со странски регистарски таблички

Возилата со странски регистарски таблички во нашава земја, ќе можат да се регистрираат со 50 проценти помали давачки, соопштуваат од Владата. Треба да се напомене дека станува збор за предлог-закон кој веќе помина на владина седница и следно ќе биде гласање во Собранието, пред овие „субвенции“ да станат реалност.

Според предлог-законот, возилата за кои е поднесено барањето за регистрација задолжително треба да ги исполнуваат следните услови:

– сопственикот или корисникот, односно лицето овластено за отуѓување на возилото или лицето кое ќе го купи возилото да ги има регулирано царинските и даночните обврски за возилото во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и да поседува важечка сообраќајна дозвола, осигурување и зелен картон;
– да влегле на територијата на Република Северна Македонија до 1 октомври 2020 година.

„Оваа поволност ќе важи за сите возила кои влегле во земјава заклучно со 1 октомври 2020 година. Целта на ова законско решение е можност на граѓаните, сопствениците или корисниците да можат да ги регистрираат возилата со странски регистарски таблици на територија на Република Северна Македонија. Сопственикот или корисникот на возилото или лицето кое ќе го купи возилото треба да ги има регулирано царинските и даночните обврски за возилото во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и да поседува важечка сообраќајна дозвола, осигурување и зелен картон“, вели министерот за економија Крешник Бектеши.

Без стратегија и план

Јасно е дека целта на овој предлог-закон, кој треба да помине низ Собранието и таму да биде изгласан пред да се воведе, е да се наполни буџетот кој е оптоварен поради Ковид-кризата која го обзеде целиот свет. За едни овој предлог-закон е одлична вест, но за сите други, барем оние кои гледаат на поинаков и долгорочен начин, ова е навистина чудна одлука.

Така, луѓето (најчесто оние со двојно државјанство) кои досега ги регистрираа своите автомобили во странство, сега ќе добијат „субвенции“ истите да ги регистрираат тука. Од друга страна, оние кои решиле тука да купат автомобил, да ги платат сите давачки, остануваат обесправени.

Исто така, со ова се покажува дека немаме никаква национална стратегија кога станува збор за возниот парк во државата, за намалувањето на загадувањето и подобрување на безбедноста, но и за поддршка на импортерите кои во нашата земја вработуваат и ангажираат илјадници луѓе. Наместо да го следиме чекорот со Европа и делиме субвенции за нови, електрични и електрифицирани возила, но и оние конвенционалните со што ќе се намали загадувањето и ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот,.. ние ќе го „субвенционираме“ отпадот кој преку околните држави пристига од Европа.

електромобили

Само за споредба, Велика Британија објави дека во 2030 година ќе ја забрани продажбата на возила со мотори на внатрешно согорување, Германија планира да го направи тоа нешто подоцна, а Норвежаните, каде свеста на народот е на многу високо ниво и веќе доминираат електричните и електрифицирани возила, планира да ги забрани целосно дизелите и бензинците до 2025 година, а тоа е само за неколку години!

Македонија, од друга страна, дополнително ќе го засили и онака стариот возен парк, па уште долго време ќе си мачиме мака со загадувањето(неможеме да се намолиме да преминеме на ЕУРО 5 минимален стандард, а не па повеќе..), а продажбата на нови автомобили, која и онака е како пред 20 години,  ќе стигне на ниво на статистичка грешка!

Поврзани вести

Back to top button