Nissan Ariya концептот влегува во сериско производство
Откриените патентни прикази најавуваат сериска верзија на Nissan Ariya, а станува збор за речиси идентична копија на концептниот автомобил
Nissan во 2017 година на Салонот за автомобили во Токио го претстави IMx концептот. Со тоа ги најави своите намери кога станува збор за пазарот на електрични кросовери/SUV модели. Оригиналниот концепт потоа доби свои доработки и во 2019 година беше претставена Nissan Ariya студијата, на истиот настан во Јапонија. Овој пат дизајнот на ентериерот значително се доближи до сериската верзија, а во април годинава работите пристигнаа и до завод за патентирање.
Приложените прикази се поставени на социјалните мрежи и се тврди дека станува збор за сериска верзија на Nissan Ariya. Иако можеби на прв поглед ќе делува дека на патентните прикази всушност се наоѓа минатогодишниот Ariya концепт, сепак постојат некои суптилни разлики кои навестуваат дека всушност станува збор за сериски модел.
Почнувајќи од предниот дел, се чини дека Ariya добива некои дополнителни правоаголни форми на дното од пререзот во браникот. Кога станува збор за браникот на задната страна, забележливо е капаче кое ја сокрива куката за влечење, која на изложбениот примерок секако му е непотребна.
Серискиот модел се очекува идната година
На страничниот профил се наоѓа капаче од приклучокот за полнење, незначително поместен кон предното крило, за разлика од концептот, каде се наоѓа веднаш крај вратите. На патентните прикази Ariya не поседува странични ретровизори, но тие сигурно ќе бидат инсталирани на серискиот автомобил. Со оглед на тоа дека страничните камери сега се легални во некои држави, не би требало да биде изненадување ако Nissan ја понуди оваа можност таму каде што регулативите тоа го дозволуваат.
Покрај ретровизорите, страничниот профил е речиси идентичен со концептот од 2019. Разликата е што тркалата се за нијанса помали од 21-инчните единици на студијата. Исто така може да се забележи покривна антена и страничен паркинг сензор. Тоа дополнително докажува дека станува збор за сериски модел.
Задницата останува верна на дизајнот на концептот. Сепак, тука е дискретно ревидираниот браник, кој содржи паркинг сензори и мало капаче од куката за влечење. Црната трапезоидна секција на дното од задниот прозор веројатно е местото каде што ќе се наоѓа брисачот. Сосема е извесно дека широката светлосна група нема да ја има истата интригантна графика како концептот.
Се чини дека Ariya ќе има целосно затворено и рамно подвозје со цел остварување на подобра аеродинамика и со самото тоа подобра ефикасност. Кога станува збор за габаритот на возилото, концептот е долг 4.600 милиметри, висок е 1.630, а широк 1.920 милиметри.
Ariya e важен модел за Nissan. Не само од причина што станува збор за атрактивен електричен SUV со прифатлива цена, туку и од причина што ќе го најави новиот дизајнерски јазик на јапонската марка. Иако на патентните прикази не може да се види ентериерот, концептот поседува минималистично издание со тандем дигитални екрани и неколку конвенционални контролни единици.
Се очекува Nissan серискиот модел премиерно да го претстави во 2021 година, а според некои информации, автономијата на возилото ќе изнесува 485 километри со едно полнење. Поставките ќе бидат со еден или два електромотори, додека се смета дека почетната цена ќе изнесува околу 37.000 евра. Дали ќе го задржи и истото име останува да се види.