Nissan и Foxconn преговараат за заедничко производство на ЕВ во Јапонија

Nissan размислува да му ја отстапи фабриката Oppama на Foxconn за производство на електрични возила и потенцијално партнество за ЕВ

Компанијата Nissan размислува да му го отстапи својот подискористен погон во Јокосука на технолошкиот гигант Foxconn, со цел заедничко производство на електрични возила. Според информациите на Nikkei Asia, двете компании се во напредни преговори за потенцијално партнерство кое би вклучувало користење на фабриката Oppama за производство на идните EV модели на Foxconn.

Фабрика со 40% искористеност и неизвесна иднина

Фабриката Oppama, која започна со работа во 1961 година, моментално вработува околу 3.900 лица и има капацитет за производство на 240.000 автомобили годишно. Сепак, производството минатата година било искористено само 40%, далеку под прагот на профитабилност кој изнесува 80%. Таквата состојба го доведува во прашање нејзиното долгорочно постоење, особено бидејќи Nissan веќе најави затворање на седум свои фабрики ширум светот, иако сè уште не е познато дали Oppama е на списокот.

Во случај на затворање, Nissan би се соочил со сериозни финансиски последици, вклучително и отпуштање на илјадници работници и затворање на поврзаните добавувачи. Дополнителен проблем би била потребата од нова тест-патека, бидејќи постојната се наоѓа токму во рамки на фабриката.

Foxconn подготвен за производство на свои електрични возила

Foxconn одамна ги најавува своите амбиции во автомобилската индустрија, со развој на сопствени електрични модели како Model C, Model B, Model E, Model T и Model V. Компанијата планира годинава да започне со испораки на Model C во Северна Америка, додека електричен миниван, познат како Model D, треба да дебитира во 2027 година.

Потенцијалната соработка со Nissan би ѝ овозможила на Foxconn да го забрза влезот на глобалниот EV пазар преку искористување на инфраструктурата и експертизата на јапонскиот производител.

Засега без официјална потврда од Nissan

Nissan во своето официјално соопштение нагласи дека „објавените информации не се засновани на официјално соопштение на компанијата“. Под Re:Nissan планот, компанијата навистина разгледува консолидација и затворање на одредени производствени капацитети, но процесот сè уште не е завршен, освен за две веќе најавени локации.

Иако официјална потврда недостасува, аналитичарите сметаат дека партнерството со Foxconn би било стратегиски потег за Nissan во време кога производството на електрични возила станува клучно за иднината на индустријата.

Поврзани вести

Back to top button