fbpx

Nissan Pathfinder ја доби својата петта генерација

Nissan официјално го претстави новиот Pathfinder, откако петтата генерација на големиот SUV ја доживеа својата премиера во Америка

Кога станува збор за дизајнот на најновата итерација на Pathfinder, Nissan одлучи да се осврне кон оригиналниот SUV модел за инспирација. Поради тоа, новата, петта генерација се одликува со робусен дизајн. Иако изгледот можеби е најзабележителна промена кај Pathfinder, тука се и новата трансмисија, различните пропорции и подобриот пакет технологии.

Pathfinder

Nissan го опреми својот голем SUV со 3,5-литарски бензински V6 под хаубата со 288 КС и 351 Nm максимален вртежен момент. Тоа е истиот агрегат кој Nissan го користи денес, но производителот би требало да добие многу повеќе од агрегатот благодарение на новиот деветстепен автоматски менувач кој го менува CVT менувачот. Во Америка се нудат и традиционалните верзии со преден погон, како и варијанти со погон на двете осовини и една спојка на задната осовина, но за тоа ќе треба да се доплати.

Pathfinder

Нови димензии

Со селекција на оф-роуд карактеристиките, седумте возачки режими – Standard, Sport, Eco, Snow, Sand, Mud и Tow – новиот Pathfinder би требало да се избори со сите препреки на патот, иако како што велат од Nissan, оф-роуд способностите не беа примарниот фокус кај SUV моделот.

Pathfinder

Nissan го задржа концептот на трансферзално поставен мотор, а кога станува збор за потпирањето, треба да се истакне дек на предната страна се наоѓа Мекферсонов систем, а позади мулти-линк суспензија. Непроменето останува и меѓуосовинското растојание од 2.900 милиметри. Меѓутоа, пропорциите на каросеријата се нови, па така, предниот пропуст стана пократок, а вкупната должина е нешто поскромна и изнесува 5.004 милиметри наместо некогашните 5.042 милиметри. Со ширината од 1.979 и висината од 1.778 милиметри, SUV моделот порасна во однос на претходно. Тркалата на кои е поставен новиот Pathfinder се со димензии од 18 до 20 инчи, а по прв пат моделот може да се нарача и со двобојна каросерија.

Уште од 2012 година Nissan Patfhinder од класичен теренец е преобратен во голем семеен SUV со монокок шасија, а тој концепт е задржан и во новата генерација. Сепак, и покрај тоа, новата итерација го задржува својот брутален изглед благодарение на поголемата решетка од ладилникот, течните контури на страните ги заменуваат правите линии, а фаровите сега се одликуваат со LED технологија.

Промени и во ентериерот

Промени доживеа и кабината, каде уште од почетната понуда може да се најде 7-инчниот дигитален инструмент кластер, заедно со 8-инчниот екран наменет за инфозабавниот систем. Оние кои сакаат нешто повеќе, ќе добијат 12,3-инчен дигитален кластер, додека инфозабавниот екран нараснува на 9 инчи. Покрај ова, тука е и head-up екранот со пропорции од 10,8 инчи.

Новата генерација во својата базична верзија нуди осум седишта, при што третиот ред сега прима дури тројца патници. Меѓутоа, сега за прв пат може да се нарачаат посебни, индивидуални фотелји во вториот ред, со што овој SUV повторно станува транспортно средство за до седум лица.

Pathfinder

Инжинерите обрнаа особено внимание на звучната изолација. Ветробранското стакло поседува дополнителен слој, додека страничните стакла сега се подебели. Искористени се за околу 60 проценти повеќе изолациски материјали во моторниот простор, во споредба со количината која претходно беше користена. За комфорот треба да придонесе и амбиенталното осветлување, трозонскиот клима-уред, вентилацијата на предните седишта, како и греачите монтирании во вториот ред. Капацитетот на багажникот зад третиот ред сега е зголемен од 459 на 470 литри, а кога ќе се склопи третиот ред, тогаш добиваме 1.274 литри.

Богати безбедносни пакети

Како дел од стандардната опрема пристигнува и пакетот за безбедност наречен Nissan SafetyShield 360, што подразбира десет воздушни перничиња, автономно сопирање во критични ситуации, контрола на светлосниот сноп на предните светла и помош при одржување на правецот во сообраќајната лента. Поскапите верзии пристигнуваат и со ProPilot системот, а тоа вклучува адаптивен темпомат со функција за одржување на насоката.

Pathfinder

Новиот Nissan Patfhinder на американскиот пазар пристигнува во текот на летото. На овие простори поради слабата побарувачка одамна не е во понудата, иако не е познато дали ќе пристигне во оваа генерација, но ќе биде достапен на рускиот пазар.

Поврзани вести

Back to top button