fbpx

Nissan планира да се повлече од европскиот пазар?

Голем број европски медиуми пренесуваат шпекулации дека јапонскиот производител Nissan размислува за потенцијално напуштање на пазарот во Европа

Според информациите, Nissan сака да се фокусира на регионите во кои има далеку поголемо присуство, пред се тука се мисли на Северна Америка и Кина, а потоа и на домашниот пазар во Јапонија. Оваа информација официјално, според неименувани извори, би требало да биде објавена од страна на Nissan кон крајот на овој месец, кога ќе бидат соопштени деталите во врска со продолжението на работата на глобално ниво.

Таа најавена стратегија ќе вклучува и пласман на неколку модели специјално направени за кинескиот и јапонскиот пазар. Освен тоа, Nissan се надева дека ќе се ослободи од имиџот на „буџетски бренд“ кој го има во САД, а најголемите надежи за тоа ги полагаат во новите генерации на X-Trail и електричниот модел Ariya.

Најавите на медиумите ширум Европа одат од крајност во крајност околу иднината на Nissan, односно од тоа дека јапонскиот производител планира целосно да ја напушти Европа, до тоа да останат присутни единствено во сегментите во кои котираат добро и во кои имаат што да кажат. Тоа најмногу се однесува на двата SUV модели – Qashqai и Juke, кои бележат одлични продажни резултати во Европа.

Од друга страна, секторот за односи со јавност на Nissan во Велика Британија ги отфрла и демантира овие информации на медиумите и тврдат дека Nissan останува посветен на работењето во Европа. Ова е мошне важно, бидејќи голема фабрика на јапонскиот бренд се наоѓа во Сандерленд, поради што овие зборови имаат особено значење.

Останува да се види какви точно се плановите на Nissan кога станува збор за европскиот пазар, но речиси е сигурно дека јапонскиот производител нема така лесно да го напушти Стариот континент.

Поврзани вести

Back to top button