Новата Kuga претставена на „GoFurther“
Како дел од електрификацијата, Синиот Овал во Амстердам ги претстави новите хибриди во гамата, меѓу кој се вбројува и новата генерација на Kuga
Мултинационалниот автопроизводител вчера во Амстердам организираше настан под името „GoFurther“, на кој официјално ги претстави своите нови SUV модели, како и хибридните новитети во својата гама. Главни ѕвезди на вечерта беа новите генерации на Kuga и Explorer, додека пак на хибридната листа покрај овие SUV, се најдоа и моделите на Focus, Fiesta, и Transit.
Третата генерација на Kuga сега е уште поширока и подолга од моделот кој го заменува, а со дополнителните 20 милиметри на меѓуоскиното растојание, просторот за патниците на задните седишта е значително зголемен. Кон ова придонесува и новата опција на поместување на задната клупа, со чие поместување напред се зголемува багажниот капацитет за дополнителни 67 литри, додека патничкиот простор се зголемува со нејзино поместување назад.
Новиот компактен SUV се базира на целосно нова платформа наречена C2, која покрај придобивките кон зголемувањето на пратичноста, овозможува овој Ford да се најде на хибридната листа. Таа исто така прифаќа и широк спектар на погонски единици, поточно три хибридни и две конвенционални.
На листата на мотори со внатрешно согорување се наоѓа 1,5 литарскиот турбо бензински EcoBoost кој е превземан од Focus, а доаѓа во две варијанти, со 119 КС и 148 КС. Дизелскиот спектар е сочинет од 1,5 литарскиот EcoBlue со 119 КС и 2,0 литарскиот EcoBlue со 178 КС, кај кои е достапна можноста за избор на осум-степен автоматски менувач.
Првата хибридна изведба на Kuga користи 48 волтен благ хибриден систем, кој доаѓа во комбинација со 2,0 литарскиот дизел мотор. Се одликува со генератор управуван од ремен кој го заменува стандардниот алтернатор и ја акумулира енергијата при сопирањето, со цел да го зголеми забрзувањето. Сепак, ова не е доволно за овој автомобил да работи само на електрична енергија.
Следен е хибридниот модел Kuga Hybrid со погон на сите четири тркала, кој користи 2,5 литарска бензинска единица во комбинација со електричен мотор, напојуван од мала литиум-јонска батерија. Благодарение на овој погон, новата Kuga може да патува во целосно електричен режим на кратки патни интервали. Овој хибрид ќе биде достапен тек од 2020 година.
На врвот на опсегот се наоѓа Kuga Plug-in Hybrid, опремен со 2,5 литарскиот бензинец придружуван од електрична единица, управувана од литиум-јонска батерија со капацитет од 10.3 kWh.
Новата архитектура на кабината во голема мера е пренесена од популарниот хечбек на брендот. Во средината на цетралната табла се наоѓа осум-инчниот екран на допир кој овозможува пристап до SYNC 3 инфозабавниот систем, компатибилен со Apple CarPlay и Android Auto. Tука е и head-up дисплејот, како и FordPass Connect, преку кој можат да се поврзат и до 10 уреди одеднаш.
Најголем новитет во моделот претставува 12,3-инчниот дигитален инструментен панел, кој за прв пат е дел од SUV моделите на Ford, но сепак ќе биде дел од повисокото ниво на опременост, додека класичниот аналоген панел ќе доаѓа со стандардната опрема.
Третата генерација на овој SUV ќе биде понудена во три спецификации: Titanium, ST-Line и Vignale. Сите ќе бидат опремени со заден дифузер, LED дневни светла, ретровизори во боја на каросерија, и алуминиумски фелни. Моделите ST-Line ќе се карактеризираат со црвената предна решетка и дифузер, кровен спојлер, систем со двојни издувни цевки и 18-инчни алуминиумски фелни. Врвна спецификација на Kuga Vignale ќе биде препознатлива по сатински хромираните завршетоци на предната решетка, браниците, како и покривните шини.
Како што веќе напоменавме, на „GoFurther“ беа претставени и новите Ford Transit Electric Van, Ford Explorer Plug-In Hybrid и Ford Tourneo Custom Plug-In Hybrid. Синиот Овал исто така се пофали и со нови концептни модели, како Transit Smart Energy Concept, минибус со 10 седишта и возен опсег од 150 километри.
Детали околу целосно електричниот Transit не беа откриени, но производителот изјави дека тој е дизајниран да испорачува чиста електрична енергија, намалувајќи ги бизнис трошоците и истовремено придонесувајќи за почисти и помирни градови.
Новата генерација на Explorer ќе се продава низ Европа исклучиво како plug-in хибрид, погонуван од 3,0 литарска EcoBoost V6 бензинска единица со 345 КС, комбинирана со електричен мотор кој испорачува дополнителни 100 КС. Возниот опсег од 40 километри во градски услови се должи на литиум-јонската батерија со капацитет од 13,1 kWh.
Новата Kuga се очекува да се појави на пазарот кон крајот на оваа или почетокот на наредната година, а истото се однесува и за Explorer.