Новиот Hyundai Venue сега достапен и во Македонија
Најмалиот кросовер во гамата на корејскиот производител Hyundai, моделот Venue, пристигна на македонскиот пазар
Hyundai Venue пристигна во Македонија, а редакцијата на Авто Плус имаше можнот одблиску да се запознае со малиот кросовер на корејскиот производител. Премиерно покажан за време на Меѓународниот Салон за автомобили во Њујорк минатата година, новиот Venue конечно е достапен и за македонските купувачи. Најмалиот кросовер во SUV гамата на корејскиот производител се карактеризира со модерен дизајн и богат сет на технолошки решенија, но истовремено важи и за прилично достапен автомобил на марката.
Наменет за младите и енергичните луѓе кои се во потрага по интересен дизајн и богата стандардна опрема, технологија и системи за поврзување, Hyundai Venue ќе биде вистинско освежување на македонскиот пазар. Малиот кросовер нуди можност за двобојна каросерија, а како опција се нуди со шестстепен мануелец или CVT автоматски менувач. Тука е и 8-инчниот екран со Android Auto и Apple CarPlay конективност, 3,5-инчниот дигитален екран сместен помеѓу инструментите, систем за предупредување за опасност од сообраќајни незгоди и друго.
Кога станува збор за дизајнот, особено се истакнуваат дводелните светлосни групи и истакнатата маска на предниот дел, додека задниот се одликува со браникот кој ќе биде во иста боја со покривот на моделот.
Според своите димензии, моделот Hyundai Venue се карактеризира како Crossover Utility Vehicle и е помал од моделот Kona. Од палетата на мотори, во понудата се наоѓа 1,0-литарски турбо мотор, како и 1,4-литарски бензински и 1,4-литарски дизел агрегат, додека во нашата земја се нуди исклучиво со 1,6-литарски бензинец кој испорачува 123 КС. Моделот може да се добие со шестстепен мануелен менувач или пак со CVT автоматик. Зависно од нивото на опременост, цената на Hyundai Venue во нашата земја варира од 17.900 до 23.000 евра.
За повеќе информации обратете се во продажниот салон на Hyundai во Македонија, или посетете го официјалниот веб-сајт.