Nissan ќе го претстави новиот Juke
Десет години одкако Nissan го претстави уникатниот кросовер, втората генерација на Juke се враќа со добро познатиот фанки изглед
Новиот Nissan Juke се базира на успехот на моделот од прва генерација со усвојување на еволутивен дизајн кој го задржува забавниот изглед и покрај фактот дека кросоверот сега е попросторен благодарение на целосно новата платформа CMF-B што ја дели со најновиот Renault Captur и Clio.
Втората генерација на јапонскиот кросовер е долга 4.210 mm, висока 1.595 mm и широка 1.800 mm, а во поглед на тежината тој е за 23 килограми полесен од својот претходник. Кросоверот изгледа попривлечно од порано благодарение на похармоничните пропорции, дизајнот на „лебдечки покрив“ и силната карактерна линија.
Надворешниот дизајн е обележан со детали како што е похрабриот изглед на V-motion решетката, како и предните и задните целосни LED светла. Nissan кај Juke нуди опции за персонализација на надворешноста во форма на прилагодливи браници, странични прагови и тркала од 20-инчни алуминиумски фелни, а во палетата на бои сега достапна е и новата Fuji Sunset боја.
Во споредба со надворешноста, ентериерот добил радикална трансформација. Новиот Juke усвојува целосно нов распоред на таблата со „лебдечки“ централен дисплеј, нов управувач со повеќе функции и намален број на копчиња во средишната конзола. Новиот инфозабавен систем NissanConnect нуди 8-инчен екран на допир, компатибилен со Apple CarPlay, Android Auto и Google Assistant. За подобар квалитет на звукот, достапен е и звучниот систем Bose Personal Plus кој доаѓа со осум звучници.
Што се однесува до погонските агрегати, јапонскиот кросовер располага со 1,0 литарски три-цилиндарски турбо-бензински DIG-T мотор, кој обезбедува моќност од 115 коњски сили, за кои производителот вели дека се доволни за подобри перформанси и поголема горивна економичност.