Новиот Peugeot 308 ќе добие перформансна верзија со над 300 КС
Следната генерација на Peugeot модели ќе ја предводи целосно новиот 308 кој ќе пристигне во 2022 година, а дел од понудата ќе биде и моќната хибридна „хот хеч“ верзија
Peugeot 308 мина низ фаза на освежување пред точно три години, а со својот дизајн автомобилот ја започна трансформацијата на целата понуда на Peugeot, по што пристигна успешниот 3008 на кого му се приклучија и моделите 5008, 208 и 2008, кои исто така забележаа огромен успех на пазарот, а притоа освоија и бројни престижни награди.
Следната генерација на Peugeot 308 повторно ќе има важна улога и ќе претставува почеток на нова ера за францускиот производител. Продажбата ќе започне за помалку од две години, веројатно по светската премиера кон крајот на 2021 година. Конкуренцијата го преплави C сегментот со нови и атрактивни модели, поради што француската компанија мора да делува брзо и да ја лансира новата генерација на популарниот хечбек.
Стратегијата на PSA групацијата досега беше да понуди модели базирани на EMP2 платформата и со plug-in хибридна технологија, додека помалите модели базирани на CMP платформата добија електрични верзии, секако заедно со веќе постоечките бензински и дизел верзии. Новиот 308 ќе добие plug-in хибриден погон кој ќе биде сочинет од комбинација на 1,6-литарски бензински и електричен мотор. Моќноста ќе се пренесува на предните тркала.
Меѓутоа, се очекува и друг plug-in хибриден модел кој ќе го привлече вниманието на ентузијастите. Овој модел би требало да добие дополнителен електричен мотор на задната осовина како и 3008 со цел новата 308 да добие погон на сите четири тркала. Овој модел би развивал повеќе од 300 КС, а би добил и спортска шасија и унапредување на изгледот со цел да биде директен ривал на Volkswagen Golf R.
Пеформансниот 308 ќе пристигне под значката на PSE
Моќниот 308 би пристигнал под значката на подбрендот Peugeot Sports Engineered (PSE), а која прв пат ќе се појави на моделот 508 со високи перформанси во текот на есента. Ако 508 PSE се покаже како успешен, тогаш истиот рецепт ќе се примени за 3008 и за другите модели вклучително и 308. Успехот нема да биде оценуван според продажбата, туку според репутацијата и признанијата кои ќе ги добијат PSE моделите. GTi ознаката нема да се користи за 308 и останатите модели на Peugeot, освен моделот 208.
Следната генерација на 308 повторно ќе се нуди како петвратен хечбек и караван, но нема најави за враќање на моделот 308 CC кој беше присутен во претходните генерации, што е резултат на недостаток на профит. Peugeot и понатаму ќе нуди унапредени бензински и дизел мотори со plug-in хибридна технологија, а би можеле да видиме и електрична верзија на 308 во следната генерација.