fbpx

Новиот Peugeot 308 пристигнува во 2022 заедно со новото лого

Новата генерација на Peugeot 308 е во подготовка и се очекува да пристигне на пазарот во 2022 година, а моделот е од исклучителна важност за францускиот бренд

Новите 208, 2008 и 508 предизвикуваат воодушевување кај јавноста, освежените 3008 и 5008 изгледаат уште подобро од претходно. Со тоа, останува само Peugeot 308, поранешен добитник на наградата за Автомобил на годината, кој неодамна доби освежување за 2021.

Но, тоа не е доволно со оглед на тоа дека конкуренцијата не мирува. За среќа, Peugeot веќе започна со јавното тестирање на новата генерација на 308, а првиот прототип веќе е уловен на шпиунски фотографии.

Peugeot 308

И покрај тешката камуфлажа, сепак може да се забележи дека предниот дел ги содржи препознатливите LED светла кои се наоѓаат кај 2008 и освежените 3008 и 5008. Во меѓувреме, формата на автомобилот се чини дека е спортска. Во внатрешноста е воочлива веќе задолжителната i-Cockpit кабина.

Кога станува збор за погонот, новата генерација на Peugeot 308 треба да добие широк опсег на бензински и дизел опции. Се очекува и plug-in хибридна хотхеч PSE варијанта со моќност од преку 300 КС, со оглед на тоа дека идниот модел ќе ја користи унапредената EMP2 платформа. Секако, не може да се исклучи ниту целосно електрична e-308 варијанта. Обичната plug-in верзија се очекува да користи комбинација од 1,6-литарски бензински агергат и еден електромотор. Новата генерација на 308 ќе пристигне во две конфигурации – како хечбек и караван.

Peugeot 308

Сепак, Peugeot подготвува уште една важна и голема промена која пристигнува со новиот 308. Имено, како што може да се забележи на самиот управувач, француската марка ќе направи темелна промена на своето лого. Ваквите гласини се шират веќе некое време, а со ова извесноста дека ќе се случи такво нешто е уште поголема. Промената на логото на Peugeot подолго време е тема на шпекулации, а своевидна официјална верификација е токму Peugeot 308, односно логото на управувачот.

Она што е особено интересно и што е за пофалба, е што во ова време стилските измени се сведуваат на незабележително „освежување“. Но, кај Peugeot промената ќе биде драстична. Новината добива на значење кога се знае дека симболот на француската марка, веќе 50-тина години, е лав кој стои на две нозе. На тестните примероци на новата 308, видлива е само главата на лавот, знак кој се појави кај концептот e-Legend. Натписот со називот на производителот, односно монограмот Peugeot ќе биде поставен непосредно над амблемот.

Целосно новата, трета генерација на Peugeot 308 се очекува да дебитира кон крајот на следната година или во 2022. Меѓутоа, се очекува новото лого Peugeot да го формализира веќе на 24 септември при прославата на 210-тиот роденден на брендот. A токму 308 се очекува да биде првиот автомобил кој ќе го понесе ова лого.

Поврзани вести

Back to top button