Новиот шеф Лука де Мео најавува пресврт за Renault
Италијанецот Лука де Мео, кој од 1 јули официјално ќе ја заземе функцијата на извршен директор во Renault за прв пат се огласи во јавноста
Лука де Мео ќе биде нов извршен директор на Renault од 1 јули, а сега за прв пат се обрати до јавноста кога станува збор за своето ново работно место и најави пресврт за француската компанија. Renault, како и сите останати автомобилски производители, ќе мине низ фаза на штедење поради кризата која ја наметна пандемијата на коронавирусот. Како прва мерка која ја најави Renault е запирањето со производството на одредени модели, но и затворање на дел од фабриките.
Во своето обраќање до акционерите во компанијата, Лука де Мео истакна дека е неопходно брзо реструктуирање на комплетната компанија и сите одделенија. Некогашниот шеф на Seat истакна дека е свесен за ситуацијата во Renault и дека знае каде доаѓа. „Секогаш сум сакал да одам таму каде што има предизвици, знаев дека Renault има свои проблеми. Убеден сум дека со помош на сите вработени ќе направиме пресврт каков што досега се нема случено во автомобилската индустрија“, изјави Лука де Мео.
Француските медиуми јавуваат дека Де Мео веќе започнал со „консолидација на редовите“ во Renault и дека од актуелното раководство побарал да му достават извештај за продажните резултати, предностите и маните на сите брендови под закрилата на Renault. Според информациите, Де Мео е особено заинтересиран за брендот Alpine и речиси сигурно нема да дозволи згаснување на оваа марка, наспроти некои претходни најави.
Освен тоа, се наведува дека Де Мео побарал да не се избрзува со одлуката за гаснење на моделите што беше најавено претходно, туку да се направат детали студии за возилата кои немаат баш најдобра продажба на пазарот. Се верува дека Лука де Мео ќе ја претстави новата, глобална стратегија на Renault кога станува збор за пласманот на нови возила кон крајот на тековната или почетокот на следната година.