Новиот шеф на Renault сака да го следи примерот на PSA
Новиот извршен директор на Renault Лука де Мео, ја наведе PSA групацијата како пример за профитабилност во автомобилската индустрија
Се чини дека Renault ќе мора да крати повеќе трошоци од првично планираното, истакна новиот шеф Лука де Мео. Извршниот директор на француската компанија, кој пристигна на оваа позиција во јули, не откри уште колку пари францускиот производител ќе мора да заштеди.
„Целта е да се вратиме назад на вистинската патека. Исто така и да ги решиме нашите најголеми проблеми колку што е можно побрзо, а тоа се благајната и трошоците. Тоа значи дека најверојатно ќе мораме да одиме уште подалеку од планираното со кратењето на трошоците“, изјави Де Мео.
Од Renault истакнуваат дека новиот шеф работи на нов план. Со истиот производителот ќе се фокусира повеќе на профитабилноста отколку на обемот на продажба. За оваа тема Де Мео веќе зборуваше со француските медиуми. Уште во мај од Renault признаа дека нивните глобални амбиции се нереални. Притоа, најавија кратење на околу 15.000 работни места за време на реконструкцијата.
Во меѓувреме, Де Мео истакнува дека компанијата мора да го следи истиот пат како нивниот ривал PSA, кој се фокусираше кон кратење на трошоците и правење на попрофитабилни модели откако Карлос Таварес го презеде шефувањето во 2014 година.
„Погледнете, PSA пред пет години беше на прагот на стечај, а гледајте каде се денес. Тие се мерило во поглед на профитабилноста во целата индустрија. Ќе мораме да донесеме одлуки кои некогаш се тешки, но се неопходни и позитивни за компанијата. Би го опишал тоа како револуција. Оваа револуција, која мора да биде истуркана од сите мажи и жени во компанијата, ја нарекувам ‘Renaultlution'(‘Ренолуција’)“.
Според некои најави, Renault планира да направи слично како и Peugeot кому моделот 3008 му донесе огромна заработувачка, додека Kadjar не е SUV на кој се заработува многу од секој продаден модел. Токму затоа, Renault ќе посвети поголемо внимание на компактниот сегмент. Новиот шеф сака да го намали и портфолиото, но без да загуби покриеност на сегментот, што говори дека Renault нема така лесно да се откаже од оние класи за кои првично се говореше.
Де Мео најави и големи инвестиции во нова гама на електрични автомобили. „Ќе имаме електрични модели со почетна цена помала од 20.000 евра. И сите тие возила ќе се прават исклучиво во Франција“, изјави Де Мео додавајќи дека споменатите автомобили ќе бидат мошне профитабилни.