Новиот суперавтомобил на Maserati ќе го носи името MC20
Италијанската компанија соопшти дека новиот суперавтомобил ќе го носи називот MC20, а премиерата е закажана за мај оваа година
Од Maserati наведуваат дека новиот модел MC20 е природен исчекор, односно еволуција на некогашниот MC12. За разлика од некогашната пракса, сега овој бренд самостојно го развива моторот за својот автомобил, наместо да ги позајмува погонските единици од Ferrari.
MC20 означува Maserati Corse 2020 и го прославува враќањето на славниот италијански бренд на тркачките патеки. Суперавтомобилот е првото возило од новата ера на Maserati, а своето деби ќе го има кон крајот на мај во Модена. MC20, кој е развиен во Maserati Innovation Lab, ќе се изработува во Viale Ciro Menotti фабриката во Модена.
Според првичните информации, новиот суперавтомобил на Maserati ќе пристигне со V6 мотор. Меѓутоа, веќе некое време се зборува дека италијанскиот бренд би требало да понуди и алтернативна верзија која всушност ќе биде електрично возило. Сето ова има логика бидејќи Maserati, како и сите други автомобилски производители кои ги пласираат своите возила во ЕУ, се наоѓаат пред сериозен предизвик поради новите норми за флотната емисија на штетни гасови.
Кога станува збор за електрификацијата, истата за Maserati ќе започне со воведување на plug-in хибридна варијанта на моделот Ghibli. Подоцна, Maserati би требало да има и целосно електрична варијанта за секој нов модел кој ќе го пласираат на пазарот, барем така гласи нивниот план.
MC20 по стапките на MC12
Кога станува збор за претходникот на MC20, MC12 е претставен во далечната 2004 година. Овој модел ја делеше платформата и 6,0-литарскиот V12 мотор со Ferrari Enzo. Maserati произведе само 50 примероци од моделот MC12 за употреба на јавните патишта и 12 автомобили наменети за тркачките патеки.
MC12 победил на 22 трки (вклучително и 3 победи на 24 часа Спа) и 14 шампионски титули во шампионатот на конструктори, шампионатот на возачи и тимски шампионати во FIA GT од 2004 до 2010 година. Во Maserati се надеваат дека новиот MC20 ќе успее да ги следи стапките на својот претходник.